СПОРТИСТИ ШТО ЈА ОБЕЛЕЖИЈА 2020 ГОДИНА

Годинава повеќемина поставија нови рекорди, некои и светски, и забележаа значајни резултати во поединечните и во екипните спортови

Во сенката на пандемијата на ковид-19, годината што е зад нас ја обележија повеќемина спортист(к)и, чии рекорди и резултати заслужуваат особено внимание. Во продолжение за некои од нив.

Кај атлетичарите нови светски рекорди поставија Швеѓанецот Арманд Дуплантис во скок со стап, Венецуелката Јулимар Рохас во трискок и Џошуа Чептегеи од Уганда во трките на пет и на 10 км. Кај тенисерите за издвојување се Шпанецот Рафаел Надал, кој по рекорден, 13-ти пат победи на гранслем-турнирот Ролан Гарос и се израмни со Швајцарецот Роже Федерер според вкупниот број гранслем-титули, 20, Србинот Новак Ѓоковиќ, кој шести пат е број еден на АТП-листата на крајот од годината, со осмиот рекорден триумф на гранслем-турнирот Австралија опен и Јапонката Наоми Осака со втората титула на гранслем-турнирот САД опен.

Во фудбалот, Полјакот Роберт Левандовски ги освои поединечните награди за најдобар во тој спорт од Европската фудбалска унија (УЕФА) и од Светската фудбалска федерација (ФИФА), откако со Баерн победи во сите натпреварувања во кои настапи (ЛШ, првенство и Куп на Германија, Суперкуп на УЕФА) и во повеќето беше прв стрелец.

Во кошарката, Американецот Леброн Џејмс го освои четвртиот шампионски прстен со трет клуб во кариерата во НБА-лигата, за 17-та титула на Лос Анџелес лејкерс, колку што има и Бостон селтикс. Во Светскиот куп во скијање првата победа во севкупен пласман за скијачка од Италија ја забележа Федерика Брињоне. Во велосипедизмот доминираа Словенците, на две од трите најсилни грантур-трки во светот. На Тур де Франс победи Тадеј Погачар, пред Примож Роглич, кој, пак, беше најдобар на шпанската Вуелта.

Британецот Луис Хамилтон седми пат стана светски првак во Формула 1 со што се израмни со Германецот Михаел Шумахер, но стана рекордер според бројот на победи, 95, според бројот на пол-позиции, 98, и според искачувања на победничкиот трон, 165.