Примож Роглич

Холанѓанецот Том Думулан, шампионот од 2017-та и еден од фаворитите за победа на годинашното 102. Џиро д’Италија се повлече во петтата етапа поради повреда. Од неговиот тим Санвеб најавија дека тој ќе се фокусира на подготовките за Тур де Франс во јули.

По откажувањето на Думулан кругот на фаворитите се стесни, на Словенецот Примож Роглич кој вози за холандскиот тим Џамбо – Висма и своевремено беше надежен ски-скокач, на Сајмон Јејтс, на Винченцо Нибали, ајкулата од Месина, итн.

Процените се дека годинашната патека на Џиро му одговара на Роглич. Тој е еднакво добар на хронометар што се покажа на првата етапа во Болоња кога беше најбрз, на рамните долги делници, но и на тешките планински искачувања, кои ќе следуваат на последната, трета недела од трката.

– Победникот може да биде одлучен на крајот од трката, на последниот ден во Верона, во трката на индивидуален хронометар. Се разбира, многу важни работи ќе се случуваат од првиот ден, а потоа секој ден и секоја етапа ќе бидат важни за севкупната победа. Мора да се остане фокусиран докрај. Не е до мене да прогнозирам, сите ние имаме шанси, ќе има голема борба, особено тоа се однесува на Нибали, кој веќе има победувано двапати и има огромно искуство – вели Роглич.