Кинезот во тајбрејкот го совлада актуелниот светски првак Карлсен, со 3-1, и со тоа триумфира на гран-турнирот во класичен шах „Синкфилд куп“ во САД

Кинескиот велемајстор (ВМ) Лирен Динг (2.805 рејтинг-поени) триумфира на турнирот во класичен шах „Синкфилд куп“, кој се одигра во Сент Луис (САД), во рамките на серијата гран-турнири за 2019 година. Тој во дополнителниот тајбрејк го совлада актуелниот светски првак Магнус Карлсен (рејтинг 2.882) со 3-1.
По двете ремија во забрзан шах (двапати по 25 минути плус 10 секунди за секој потег), моментно третиот играч на светот во голем стил ги доби двете партии со брзо темпо (двапати по пет минути плус три секунди за секој потег), што претставува изненадување, оти Кинезот е прв шахист што го победил во тајбрејк Карлсен од 2007 година, односно по 10-те победи во низа од исто толку тајбрејк-завршници на Карлсен.

Пред помалку од две години токму во Сент Луис Динг во тајбрејк загуби од Карлсен. За победата Динг заработи 82.500 долари, а Карлсен 67.500, но и двајцата освоија ист број поени (16,5) во вкупниот збир на серијата гран-турнири. Претходно Динг го подели второто место на турнирот во овој град, но во забрзан и брз шах, а Карлсен беше шести, со што беше прекината низата од осум турнирски победи на Норвежанецот годинава (славеше на турнирите во Вајк ан Зе, Гренке, Шамкир, Абиџан, Линдорес, Ставангер и во Загреб и на СП во брз шах во Санкт Петербург). Дали Динг, кој во 2016 година со ШК Алкалоид триумфира во Европскиот клупски куп (ЕКК), ќе биде следниот предизвикувач за титулата светски првак?

– Во тајбрејкот бев многу различен отколку еден ден претходно, кога бев под стрес. Вчера играв турнир, а денеска натпревар. Турнирот го завршив со добар резултат, ја добив главната награда, ја постигнав целта, а денеска ова беше како бонус, играв опуштено и уживав во партиите – рече Динг по победата.
Карлсен, пак, достоинствено го поднесе поразот и со насмевка му честита на Динг.
– Тој беше многу подобар и заслужено ме победи. Но имав многу тежок ден. Размислував предолго и главно се бранев. Но не се чувствувам премногу разочарано, оти со двете победи во последните две кола во класичен шах успеав да го стигнам Динг на врвот (и двајцата имаа по 6,5 поени, две победи и девет ремија – н.з.) и да дојдам до тајбрејкот – рече Карлсен, кој во класичен шах 90 партии во низа не е поразен (од 31 јули 2018 година).

Третото место во Сент Луис го освои Индиецот Вишванатан Ананд (рејтинг 2.756), четвртото Русинот Сергеј Карјакин (2.750), и двајцата со по шест поени, но Ананд имаше подобар дополнителен критериум.

Во генералниот пласман Карлсен е прв со 54 бода (досега заработени 205.000 долари), Динг има 37,8 (132.333), Французинот Максим Вашер Леграв 36,8 (100.000), Ерменецот Левон Аронијан 25,5 (82.500), Русинот Сергеј Карјакин 25,5 (68.000) итн. Најдобрите четворица ќе стекнат право за настап во Лондон, на финалниот турнир од оваа серија кон крајот на годинава. 


Станојоски и Манова победници на Отвореното првенство на Македонија

Членот на ШК Алкалоид, велемајсторот (ВМ) Звонко Станојоски (2.449 рејтинг-поени), супериорно победи на Отвореното првенство на Македонија во Охрид во девет кола, со просечна силина на шахистите од 1.825 рејтинг-поени. Во конкуренција на 31 шахист (по еден ВМ и интернационален мајстор, четворица ФИДЕ-мајстори), Станојоски, кој беше прв фаворит и пред почетокот, освои осум поени (седум победи и две ремија), со играчки перформанс од 2.553 рејтинг-поени.
Втор беше ФМ на Алкалоид, Тони Лазов (2.335, рангиран трет пред турнирот), а трет репрезентативецот и член на Гамбит Асеко СЕЕ, ИМ Никола Николовски (2.409, рангиран втор), и двајцата со по седум поени, додека четврти заврши Филип Михов (2.177, рангиран шести), со 5,5 поени.
На Отвореното првенство на Македонија, кое се одржа лани (во конкуренција на 72 шахисти, двајца ВМ, тројца ИМ, деветмина ФМ), славеше ИМ Филип Панчевски (годинава не учествуваше), втор беше Станојоски, а трет Николовски.
На женското првенство, пак, на кое настапија само пет шахистки (сите јуниорки), очекувано, победи Ивана Манова (рејтинг 1.841) со 3,5 поени од четири можни, пред Јана Анѓелкоска (1.422) со три, Леа Ефтовска (1.488) со 2,5, Елена и Емилија Лушески со по половина поен. Г.И.

Звонко Станојоски