Хрватот Еди Дадиќ е победник на 56. „Мавровски меморијал“ во скијачко трчање, забележувајќи најдобро време од 26:28,3 минути на патеката долга 10 км. Втор беше ланскиот победник, Бугаринот Мартин Пенчев (26:56,3), а најдобропласиран македонски скијач, на четвртото место, беше Ставре Јада (27:11,5), со 90,12 ФИС-поени. Преостанатите двајца македонски претставници, Андонаки и Никола Костоски, завршија на 12-та и на 13-та позиција, со заостаток од над 10 минути зад Дадиќ.

Во женска конкуренција триумфира Хрватката Ведрана Малец (14:50,8 минути), пред Викторија Тодоровска од Македонија, која патеката од пет километри ја истрча за 15:57,7 минути. Ана Цветановска беше осма, Викторија Јовабовска деветта, а Богдана Илиевска 11-та.