Северна и Јужна Кореја планираат заедничка кандидатура за организација на Летните олимписки игри (ЛОИ) во 2032 година, објави „Гардијан“. Се очекува денеска двете Кореи да ги претстават своите планови за кодомаќини на Игрите во Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) во Лозана, Швајцарија.

Одлуката да се вклучи Северна Кореја го одразува стоплувањето на дипломатските врски меѓу соседите, една година откако Северна Кореја испрати спортисти, навивачи и официјални претставници на Зимските олимписки игри во јужнокорејскиот Пјонгчанг.

Претседателот на Јужна Кореја, Мун Јае-ин посочи дека двете земји се обидуваат да бидат домаќини и на Светското првенство во 2030 година во фудбал. Двете Кореи, исто така, планираат да испратат заеднички тимови на ЛОИ 2020 во Токио.

Северна Кореја допрва треба да објави кој град ќе му се приклучи на Сеул за да конкурира за Игрите во 2032 година. Официјални претставници ги опишаа можните заеднички ЛОИ како невидена можност за спортската дипломатија да донесе стабилност на Корејскиот Полуостров, пишува „Гардијан“.

– Сеул ќе соработува со националната влада, за Летните олимписки игри во 2032 година да станат нешто повеќе од спортски фестивал – можност да ја сменат судбината на Корејскиот Полуостров – рече градоначалникот на Сеул, Парк Вон-сон.

Во медиумите досега се шпекулираше дека заинтересирани за ЛОИ 2032 се повеќе земји од Европа, Африка, Јужна Америка, Азија и од Океанија. За СП 2030, пак, заеднички кандидатури се најавени од Португалија, Шпанија и од Мароко, потоа од Аргентина, Уругвај и од Парагвај, па од земјите од Британските Острови, потоа од Грција, Бугарија, Србија и од Романија, поединечни од Камерун, Египет итн.