Фото: Игор Бансколиев

Ракометот и каратето повторно доминираа во традиционалниот избор на Агенцијата за млади и спорт (АМСМ), кој се одржува на крајот на секоја година. Ракометот освои четири награди, меѓу кои и двете за најдобри национални селекции, а исто толку признанија заминаа и во рацете на каратистите.

Каратистот Емил Павлов беше прогласен за најуспешен спортист во Македонија во 2018 година, додека најуспешна спортистка е ракометарката Сара Ристовска.
Машката и женската сениорска ракометна репрезентација се најдобри селекции, додека, пак, за најдобра спортска федерација е Карате-федерацијата на Македонија (КФМ). Најдобар тренер е селекторот на карате-репрезентацијата на Македонија, Сашко Арсовски, додека, пак, капитенот на ракометната репрезентацијата на Македонија, Кирил Лазаров, е прогласен за најдобар спортист што настапува во странство. Најдобри млади спортисти се каратистот Фахик Весели и таеквондистката Ана Mарија Георгиевска. Најуспешна спортистка со инвалидитет е стрелачката Оливера Наковска-Бикова.