Велемајсторот Кирил Георгиев освои 6,5 поени на А-турнирот, а Димковски заврши на високото осмо место на Б-турнирот меѓу 164 шахисти

Бугарскиот велемајстор (ВМ) со македонски пасош, Кирил Георгиев (2,596 рејтинг-поени, рангиран прв пред турнирот), кој на годинашнава Шаховска олимпијада (ШО) во Батуми (Грузија) повторно ќе ги брани боите на Македонија, со 6,5 поени (четири победи, пет ремија), го освои 6-то место на шаховскиот А-турнир „Параќин опен 2018“. ФИДЕ-мајсторот (ФМ) Александар Констнтинов (2.133, рангиран 101-ви пред турнирот) го освои 132-то место со три поени. На турнирот во конкуренција на 148 шахисти од 26 држави (14 ВМ, 2 ЖВМ, 22 ИМ, 6 ЖИМ, 36 ФМ, 7 ЖФМ), победи австралискиот ИМ Џастин Тан (2.481, рангиран 10-ти), со 7,5 поени.
Македонскиот шахист Стојанче Димковски (1.792 рејтинг-поени) постигна одличен успех на Б-турнирот во истиот град (за шахисти со рејтинг помал од 2.100 поени), освојувајќи го осмото место меѓу 164 шахисти (по еден ЖИМ и ФМ, 50 МК) од 24 држави. По девет кола, Димковски (21), кој пред почетокот беше рангиран на 68-то место, освои 6,5 поени (шест победи, едно реми, два пораза), оствари играчки перформанс од 2.085 поени и освои нови 70,8 рејтинг-поени.

– Задоволен сум од играта и од резултатот. Користев различни стилови на игра, од мирен позициски, со англиско отворање, до агресивен напаѓачки, применувајќи едно од омилените отворања на Боби Фишер – системот Барца. Најголем впечаток ми остави партијата со минатогодишниот победник Опачиќ, која во комплицирана завршница, во цајтнот, имаше интересен расплет, кој, пак, привлече внимание кај присутните во салата. Противникот во еден момент ја зеде мојата кралица, а јас, наместо веднаш да вратам со земање на неговата, одиграв меѓупотег и го промовирав мојот пешак на осмиот ред, но не во кралица туку во коњ, давајќи му шах. Противникот мораше да потроши темпо за да го помести кралот, а јас дури потоа ја зедов неговата кралица со уште едно темпо, односно напаѓајќи го неговиот коњ. Од сета таа неизвесност во позицијата, на крајот излегов со една фигура повеќе, а противникот се предаде. Задоволен сум и од новите 70 рејтинг-поени. Турнирот беше драгоцено играчко искуство за мене – рече Димковски, најуспешниот македонски претставник на турнирот.

Репрезентативката Ивана Манова (1,745, рангирана 78-ма) го освои 35-то место со 5,5 поени со нови 63,6 рејтинг-поени, а Давид Николовски (1.533, рангиран 125-ти) заврши на 139-то место со три поени и нови 20,8 рејтинг-поени. Победи искусната женска интернационална мајсторка (ЖИМ) од Србија, Марија Петровиќ (2.079, рангирана на 5-то место), со 8 поени.