На првенството ќе настапат 10 шахисти, а новиот шампион на Македонија ќе биде познат по завршувањето на 9-то коло (Бергеров систем), кое ќе се одржи од 20 до 28 мај во Скопје

Велемајсторите (ВМ) Кирил Георгиев (2.588), Звонко Станојоски (2.447), интернационалните мајстори (ИМ) Филип Панчевски (2.500), Никола Николовски (2.391), Орце Данчевски (2.341), ФИДЕ-мајсторите (ФМ) Тони Лазов (2.295), Љубиша Андоновски (2.276), Роберт Велески (2.189) и играчите без титула, Емил Ристески (2.130) и Емил Крстев (2.130), се учесниците на Поединечното затворено првенство на Македониja во шах, кое од 20 до 28 мај ќе се одржи во хотелот „Континентал“ во Скопје во 9 кола (Бергеров систем). Последен пат ваков затворен шампионат се одигра во 2011 година, исто така во хотелот „Континентал“, кога триумфира ВМ Трајко Недев.
Според критериумот, тројца шахисти се квалификуваат според постојниот рејтинг, но своето учество го потврдил само Кирил Георгиев (а се смета до 10-от на македонската рејтинг-листа н.з.), додека другите се пласираат според пласманот на Отвореното првенство на Македонија, кое се одигра во декември минатата година. Според објавениот список од Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), на шампионатот апстинираат повеќе реномирани шахисти и репрезентативци.

– Пополнувањето на учесниците е направено според постојниот правилник на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ). Сите кандидати што имаа шанса да играат според висината на рејтинг, се уредно известени преку мејл, но само Кирил Георгиев позитивно одговори дека ќе настапи. Другите кандидати се од квалификациите, односно Отвореното првенство што се одржа лани во декември во Скопје. Со вајлд-карта, учество доби Тони Лазов, иако тој и преку ланскиот шампионат си обезбеди пласман. Ќе настојувам во иднина ова да стане редовна практика, односно првакот на Македонија да се добива на затворен турнир, по претходно одиграни квалификации – ни изјави претседателот на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ), Благоја Богоевски.

Меѓу оние што одбија да настапат на првенството, е и победникот од 2011 година и репрезентативец, кој настапил најмногу пати на шаховските олимпијади (ШО) за Македонија (вкупно 12), ВМ Трајко Недев.

– Моите главни мотиви за неиграње на ова првенство се од поодамна неисплатените финансиски долгови кон мене и блокираната жиро-сметка на ШФМ веќе осум години. Се надевам дека во брзо време ќе се реши ова прашање. А додека таа не се одблокира, нема идеја да се зборува за шахот кај нас. Државата едноставно нема сенс за шахот, освен неколку сликања и приеми – револтирано вели Недев.

Влечењето на натпреварувачките броеви ќе се одржи в недела во хотелот „Континентал“ од 20 часот. Рејтингот на првенството се одредува во ФИДЕ, а пласманот е валиден при одредувањето на македонски претставници на официјалните европски и светски првенства.


Награден фонд од 210.000 денари

Наградниот фонд на првенството изнесува 210.00 денари поделен во пет награди. Така, шампионот ќе добие 75.000 денари, вториот 55.000, третиот 40.000, четвртиот 25.000 и петтиот 15.000. Шахистите од 6-то до 9-то место ќе добијат по 3.000 денари за секоја победа.


Учесници на првенството
ИМЕ                           РЕЈТИНГ
1. ВМ Кирил Георгиев 2.588
2. ИМ Филип Панчевски 2.500
3. ВМ Звонко Станојоски 2.447
4. ИМ Никола Николовски 2.391
5. ИМ Орце Данчевски 2.341
6. ФМ Тони Лазов Тони 2.295
7. ФМ Љубиша Андоновски 2.276
8. ФМ Роберт Велески 2.189
9. Емил Ристески 2.130
10. Емил Крстев 2.035