Георгиевски со победи над олимпијци го поплочува патот до ЛОИ 2020

Со турнирите што следуваат, а особено СП во мај во Манчестер, олимписката норма е достижна, вели таеквондистот Георгиевски, кој викендов победи на силен турнир во Турција, победувајќи го во финалето актуелниот олимписки шампион, а на патот дотаму уште еден олимпиец од ЛОИ 2016

Македонскиот таеквондист Дејан Георгиевски (категорија над 87 кг) блесна на последниот меѓународен турнир од серијата Г-1 „Турција опен“, кој се одржа во Анталија, освојувајќи го првото место со што уште еднаш докажа дека неговото место е во самиот светски врв. Во финалната борба Георгиевски (22), убедливо, со 16-8, славеше над актуелниот олимписки шампион од Рио де Жанеиро во 2016 година, Азербејџанецот Радик Исаев.
Тој претходно забележа уште четири победи, од кои три со технички нокаут и еден на поени, а меѓу победените беше уште еден олимпиец од Рио, Стивен Ламбдин од САД. Овој турнир од серијата Г1 на Георгиевски, кој е еден од главните македонски адути за настап на Летните олимписки игри во Токио во 2020 година, му донесе нови 10 бода. Тоа е голем чекор напред кон исполнување на олимписката норма. Геогиевски без тие поени и без уште од друг турнир е на 51-то место со 72,80 поени, на листата објавена во почетокот на февруари.

– Се подготвив одлично психички и физички за овој турнир и на крајот успеав да го освојам првото место, а бев оптимист дека ќе го победам и олимпискиот првак во големото финале. Овие 10 бода, како и трите од претходниот турнир, кои уште не се пресметани, сигурно ќе ја поправат мојата квалификациска позиција за ЛОИ 2020, кога ќе биде објавена – вели Георгиевски, кој со овој спорт се занимава 11 години.

Конкуренцијата за настап во Токио е голема, патот дотаму ќе биде особено тежок, уште повеќе ако се знае дека на ЛОИ има четири тежински категории (до 58 кг, до 68 кг, до 80 кг и над 80 кг), кои ќе имаат по 16 натпреварувачи (така беше на ЛОИ 2016).

– Секако дека сум оптимист за Токио. Не само што верувам дека ќе бидам дел од ЛОИ, туку од таму ќе се вратам и со медал. Иако моментно сум на 51-та позиција, сепак, олимписката норма е достижна со турнирите што следуваат, а ги има доволно, особено со Светското првенство (СП) што ме очекува во мај во Манчестер, на кое, пак, златниот медал носи 120 бода – изјави е Георгиевски, кој е член на ТК Бутел од Скопје.

Георгиевски, заедно со неколкуте каратисти (Емил Павлов, Берат Јакупи, Азиз Исмаил, Жарко Арсовски…), се и најголемите македонски адути за настап на ЛОИ 2020 во Токио. Георгиевски потекнува од спортско семејство, оти и неговата сестра Анамарија, на СП во таеквондо за јуниори (категорија до 59 кг), во Тунис минатата година се закити со бронзен медал. 


Колекционер на медали
– бронзен медал на ЕП (до 21 год.) во Софија 2017 г.
– златен медал на ЕП (сениори) во Софија 2017 г.
– бронзен медал на ЕП (до 21 год.) во Варшава во 2018 г.
– сребрен медал на Медитеранските игри во Тарагона во 2018 г.
– трикратен балкански и повеќегодишен македонски првак


РАНГ-ЛИСТА ЗА ЛОИ 2020
1. Владислав Ларин 578,57
2. Куо дон Ин 448,01
3. Радик Исаев 310,64
4. Абдоул Исоуфоу 291,92
5. Александар Бахман 264,54
———————————————————————-
51. Дејан Георгиевски 72,80
во табелата не се внесени резултатите од последните два турнира