Европскиот првак во таеквондо стигна во полуфиналето на Медитеранските игри во
Тарагона и синоќа се бореше за влез во финалето. Ракометарките, пак, го совладаа Египет и денеска во полуфиналето ќе играат со Шпанија

Зоран Михајлов
специјално од Тарагона за „Нова Македонија“

Македонија го освои шестиот медал на Медитеранските игри во Тарагона. Европскиот првак во таеквондо од Софија, Дејан Георгиевски во категорија до 80 кг оствари две победи и се пласира за вечерашното полуфинале, во кое се бореше за влез во финалето и борба за златото.

Георгиевски прво се сретна со шампионот на Италија, Матео Милани, кого го совлада со 24-13. Вториот противник, Словенецот Иван Трајковиќ му даде посилен отпор. Тој дури поведе во првата рунда со 4-6, а успеа да ја зачува предноста и во вториот приод, за конечно во третата и во четвртата рунда Георгиевски да ја преземе борбата во свои раце и да го заврши мечот со два поена предност 30-28. Овој резултат најдобро зборува за тоа каква беше оваа борба, која ги остави без здив и гледачите.
Македонските ракометарки продолжија со успешните настапи во групата, во која со победа над Египет со 26-21(15-8) ги потврдија второто место и пласманот во полуфиналето. Македонија е втора во групата зад Црна Гора и денеска во полуфиналето ќе игра со домаќинот, Шпанија. Во второто полуфинале ќе играат Црна Гора и Словенија.

– Добро е, вакви мечеви ни се потребни. Шпанките се фаворитки, но тие се и предизвик за нашите ракометарки. Со еден таков противник може да се измери вистинската сила. Верувам дека и во полуфиналето ќе прикажеме квалитетна игра и ќе покажеме дека не случајно стигнавме дотука – ни изјави селекторот Симе Симовски.
Досега на Медитеранските игри во Тарагона златни медали освоија Берат Јакупи во карате и Могамедхаџи Нуров во борење, а бронзени медали освоија Ненад Келебиќ и Жарко Арсовски во карате и Дејан Митров во борење.