Зоран Гаврилоски

Гавриловски беше најуспешниот Македонец на ова СП, а покрај второто место во групата самоматови, тој беше седми во групата матови во четири или повеќе потези, 11-ти за матови во три потези, на делба на 15-16 место за матови во два потега и 15-ти во групата помошни матови

Истакнатиот македонски велемајстор (ВМ) на шаховската композиција Зоран Гаврилоски го освои второто место на 7. Светско првенство во компонирање за периодот 2016-2018 година, во групата самоматови.
Во конкуренција на 266 проблемисти од 42 држави во осум секции со вкупно 2.831 шаховска композиција, за влез во официјалната антологија „ФИДЕ албум 2016-2018“ автоматски се квалификуваа 611 проблеми, од кои 17 од Гавриловски и четири од интермајсторот (ИМ) во проблемски шах, Златко Михајлоски.

Гавриловски беше и најуспешниот Македонец на ова СП, кој покрај второто место во групата самоматови (ВМ Живко Јаневски е 32., а ФМ Бошко Милошески 52.), беше и седми во групата матови во четири или повеќе потези (Милошески на делба 15-17 место), потоа 11. во групата матови во три потези (Јаневски 29-ти), делба на 15-16 место во матови во два потега (Јаневски 32., Милошески 55.) и 15-ти во групата помошни матови (Михајлоски на делба на 18-19, Јаневски 50., ФМ Никола Столев 61. и Милошески на делба на 97-98).

Тој досега компонирал околу 800 шаховски проблеми, од кои околу половина се одликувани. По Јаневски (ВМ од 1996 година), тој е вториот Македонец со оваа највисока титула во компонирање, освоена во 2016 година. За да се стане ВМ на шаховска композиција, потребно е во албумите на Светската шаховска федерација (ФИДЕ) да бидат избрани најмалку 70 проблеми (еден проблем носи еден поен).
Гавриловски, кој е и меѓународен судија на ФИДЕ за шаховски композиции, судеше во една од секциите на ова СП. Трофеите на наградените ќе им бидат доделени на Светскиот конгрес на шаховската композиција во Вилнус (Литванија) во август годинава.