Франција ќе се бори за втората титула светски првак по 20 години, во второто финале по она на СП 2006, кога загуби од Италија, на пенали. За Хрватска ова е прво финале во историјата на СП и шанса да ѝ се реваншира на Франција за поразот во полуфиналето на СП 1998, на кое го освои третото место

Во најголемиот фудбалски натпревар, во финалето, во 64-от меч на 21. Светско првенство (СП) 2018 во Русија, играат Франција – Хрватска, утре (Москва, стадион „Лужники“, 17 часот).
Франција ќе се бори за втората титула светски првак по 20 години, во второто финале по она на СП 2006, кога загуби од Италија, на пенали. За Хрватска ова е прво финале во историјата на СП и шанса да ѝ се реваншира на Франција за поразот во полуфиналето на СП 1998, на кое го освои третото место.

– На СП 1998 јас ги проследив првите три натпревари како обичен гледач. Во Хрватска сите сѐ уште ги паметат полуфиналниот меч против Франција и двата гола на Лилиан Турам. Тој натпревар беше тема на дискусија и во следните 20 години. Но за мене, за оваа генерација фудбалери, реваншот за тој меч не е главната мотивација. Ние сме фокусирани на претстојното финале, ќе се обидеме добро да се подготвиме за него и да го одиграме најдобриот натпревар на турнирот – вели селекторот на „коцкастите“, Златко Далиќ.

Французите не беа во најтесниот круг фаворити за висок пласман, но со игрите на ова СП, како во групата, со победите над Австралија (2-1) и Перу (1-0) и ремито со Данска (0-0), така и во нокаут-фазата, со триумфите над Аргентина (4-3), Уругвај (2-0) и Белгија (1-0) наполно заслужено стигна до големото финале.
Селекторот на „триколорите“, Дидие Дешам, капитенот на селекцијата што стана светски првак во 1998-та, има шанса да им се придружи на Бразилецот Марио Загало и на Германецот Франц Бекенбаеур, кои ја освојувале титулата како фудбалери и како селектори. За Дешам, стручњаците велат дека успеал да го најде вистинскиот баланс и одлично ја вкомпонира екипата, која практично нема слаби точки. На голот е Уго Лорис, во одбраната се Самјуел Умтити, Бенжамин Павар и Лукас Хернандез, во средниот ред се Н`Голо Канте, Пол Погба, Блез Матуиди, а во нападот Килиан Мбапе, Антоан Гризман и Оливие Жиру.

Но и Хрватите, кои се сметаа за фаворити од „сенка“, од втор план, имаат квалитетен и искусен состав што воопшто не смее да се потцени. Тие беа супериорни во групната фаза, забележаа три победи, над Нигерија (2-0), Аргентина (3-0) и Исланд (2-1). Потоа во нокаут-мечевите минаа низ вистинска голгота, одиграа три меча од по 120 минути, но успеаја да ги елиминираат Данска и Русија на пенали, и Англија по продолженијата.
Во Лука Модриќ тие го имаат можеби најдобриот играч за врска на светот во моментот, кој е еден од најсериозните кандидати за наградата „златна топка“, за прв играч на СП. Рамо до рамо со него е Иван Ракитиќ, а во нападот тандемот Марио Манџукиќ и Иван Перишиќ, кои се закана за сечија одбрана. Одбраната можеби не е на нивото на средниот и напаѓачкиот ред, но Дејан Ловрен, Домагој Вида, Шиме Врсаљко, како и голманот Даниел Субашиќ, покажаа дека се фудбалери од светска класа.
Финалниот меч ќе биде петти меѓу двете селекции. Досега поуспешни се Французите, кои имаат забележано две победи (2-1 и 2-0), со две ремија (0-0 и 2-2).

 


„Златната топка“ ретко ја освојува фудбалер на шампионот

Според многумина, меѓу кандидатите за признанието „златна топка“ за најдобар фудбалер на Светското првенство (СП) во Русија се Килијан Мбапе, Антоан Гризман (Франција), Лука Модриќ, Марио Манџукиќ (Хрватска), Еден Азар (Белгија), Хари Кејн (Англија)… Наградата ќе биде доделена по завршувањето на утрешното финале помеѓу Франција и Хрватска во Москва.

Последен пат добитникот на највредната индивидуална награда на СП бил истовремено и светски првак со својата репрезентација на СП 1994. Тогаш шампион стана Бразил, а „златната топка“ ја освои Ромарио. Оттогаш на следните пет мундијали добитниците беа од поразениот финалист (Бразилецот Роналдо во 1998 година, Германецот Оливер Кан во 2002, Французинот Зинедин Зидан во 2006 и Аргентинецот Лионел Меси во 2014 година), а еднаш и од четвртопласираната репрезентација (Уругваецот Диего Форлан на СП 2010).

Официјално наградата се доделува од СП 1982, а за претходните мундијали ретроактивно се прогласени најдобрите. Вкупно, од претходните 20 светски првенства најдобриот 10 пати бил од редовите на шампионот, седум пати од вицешампионот, двапати од третопласираниот и еднаш од четвртата селекција на тој мундијал. Откако официјално се доделува признанието, од СП 1982, само Паоло Роси (1982), Диего Марадона (1986) и Ромарио (1994) освоија двојна круна (титула и „златна топка“). Г.М.

 


Трета „единица“ или трета „десетка“

Ако слави во утрешното финале, Французинот Уго Лорис ќе стане третиот голман-капитен на еден светски првак. Двете претходни „единици“ со капитенската лента на раката што го примија пехарот за планетарниот шампион беа Италијанецот Дино Ѕоф на СП во 1982 година во Шпанија и Шпанецот Икер Касилјас на Мундијалот во 2010 година во Јужна Африка.

Хрватот Лука Модриќ, пак, со триумф утре во финалето во Москва ќе стане само третата „десетка“ што како капитен го кренала вредниот трофеј. Пред него капитени светски шампиони со бројот 10 на дресот беа Аргентинецот Диего Марадона на СП 1986 во Мексико и Германецот Лотар Матеус на СП 1990 во Италија.