Марина најголемите резултати ги постигна во една од најтешките дисциплини, седмобојот. Беше повеќекратна шампионка на поранешната држава, а освои сребрени медали на Медитеранските игри и на Балканските игри. Нејзиниот сопруг Тони Дамчевски е рекордер на Македонија во скок во далечина

Македонската женска атлетика во минатиот век отсекогаш имала понекоја претставничка, која постигнувала солидни резултати и на меѓународната сцена. Прво тоа беше, во првите години по Втората светска војна, Бистрица Крањец, за потоа да се појават неколку девојки меѓу кои најекспонирани беа Елица Змејкова и Нада Павлова. Тие внесоа свежина во кралицата на спортовите, а со резултатите во своите дисциплини се доближија до најдобрите во поранешната држава.
Традицијата потоа ја продолжија Вера Велјановска и Елизабета Божиновска-Вучкова, кои се истакнуваа во спринтерските дисциплини, за во почетокот од 80-тите години од минатиот век на голема врата на атлетската сцена да влезе Марина Михаилова. Интересно е дека и таа, исто како и Елизабета, својот животен сопатник го сретна на атлетските борилишта. Тоа е Тони Дамчевски, кој беше и уште е рекордер на Македонија во скок во далечина.

Со него заплови во брачните води, а потоа тој ѝ беше главната поддршка во текот на дводневните натпревари во седмобојот, една од најтешките и најнапорни атлетски дисциплини. Инаку, Марина толку брзо напредуваше, така што за три години откако почна сериозно да се занимава со атлетиката стана репрезентативка на Југославија. Треба да се истакне фактот дека во поранешната држава имаше силна конкуренција и беше многу тешко да се стигне до дресот со државниот грб. Но, Марина благодарејќи на својата настојчивост и талент успеа да го оствари тоа, за што мечтаеја многу девојки од нејзината генерација. Стана репрезентативка, почна да ги освојува титулите и да ги урива рекордите, и тоа не само во нејзината специјалност, седмобојот, таа уште во 10 други дисциплини се запиша во списокот на рекордерките на Македонија во сала и на отворено. Таа од раното детство почна да спортува.
– Живеевме во Дебар и некако најсоодветен спорт за мене и моите другарки беше гимнастиката. Сакав да вежбам на сите направи и ми беше многу интересно. Но, подоцна работите се сменија и почнав да играм ракомет. Таму ги истакнував своите физички квалитети и бев најбрза меѓу девојките. Тоа, пак, како да беше најава дека набрзо ќе се најдам во атлетиката, што и се случи. Со доаѓањето во Средното училиште за физичка култура во Скопје почна мојот вистински спортски живот – вели Марина Михаилова-Дамчевска.

ОБИЧНИОТ СЕ ПРЕТВОРИ ВО КОМПЛИКУВАН ТРЕНИНГ

Во почетокот на атлетската кариера Марина Михаилова се натпреваруваше на 800 и на 1.500 метри, трки во кои се бараше издржливост, но и брзина. Подоцна почна да ги практикува и другите дисциплини. Се појавуваше и на 100 метри со пречки, дисциплина што подоцна стана нејзина специјалност, а добри резултати постигнуваше и во скоковите во височина, далечина и во трискок. Со оглед на тоа што настапуваше во најмногу дисциплини, таа донесуваше најмногу бодови за својата екипа, АК Скопје на републичките екипни и куп-натпревари. Едноставно стана првата ѕвезда во клубот, на чие кормило како тренер се наоѓаше поранешниот спринтерски првак Ташко Благоев.

– Тренирав напорно и имав голема желба да ги испробам силите со најдобрите Југословенки. Почнав да одам и на државните првенства, на кои, исто така, бев солидна и секогаш бев меѓу најдобрите, но никако не можев да стигнам до првото место на пример на 100 метри со пречки или во некоја од скокачките дисциплини. Во тој период ги напуштив трките на средни патеки, но издржливоста како особина уште ја имав. Сето она што го имав како атлетски потенцијал укажуваше на фактот дека можам да бидам петобојка, тогаш седмобојот уште не беше воведен во програмата. И навистина тоа се случи, се определив за најсестраната дисциплина, која подоцна се збогати со уште две дисциплини и така станав седмобојка – вели Марина.

Откако, Марина Михаилова ја најде вистинската дисциплина, неколку години во неа беше суверена владетелка во Југославија. Таа стана шампионка на поранешната држава, а ниту еден меѓународен натпревар не можеше да се замисли без неа. Беше „главна“ во најнапорната атлетска дисциплина. Но, мора да се каже дека и тренинзите сега беа покомпликувани и понапорни, зашто сега стануваше збор за настапи во повеќе дисциплини.

ВИЦЕШАМПИОНКА НА БАЛКАНОТ И НА МЕДИТЕРАНОТ

Марина својот прв позначаен настап за репрезентацијата го имаше на Балканијадата во Измир во 1983 година.

– Тоа беше еден од моите најрадосни моменти во кариерата, бев пресреќна, чувството беше пријатно, а бев решена и понатаму да се борам за репрезентативниот дрес и да имам уште многу вакви настапи. Тренинзите беа напорни, но знаев дека мора да издржам и да не потклекнам, особено на шампионатите на поранешна Југославија, каде што на борилиштата ме очекуваа дуелите со големите конкурентки Оливера Станков и Тамара Малешев. Во годините што следуваа, за моја среќа, постојано ги победував и бев стандардна репрезентативка – вели таа.
Дојде и настанот на кој Марина Михаилова го постигна најголемиот успех – Медитеранските игри во Латакија (Сирија) во 1987 година. Таму, како и на сите претходни Игри, југословенскиот состав беше еден од најмногубројните, а во него се наоѓаа и борачите предводени од олимпискиот првак Шабан Трстена.

– Се сеќавам, кога полетавме од Сплит кон Латакија нашиот авион беше следен од два авиона на југословенското воено воздухопловство. Тоа веројатно беше од безбедносни причини, зашто доаѓавме во еден немирен регион во кој се војуваше и имаше чести судири на границата помеѓу Сирија и Либан. Кога пристигнавме се чувствувавме малку непријатно, но откако се сместивме во прекрасните новоизградени апартмани на самиот морски брег тоа чувство го снема. За време натпреварите немаше ниту еден инцидент, дури и не можеше да се забележи дека во непосредна близина се војува. Сѐ беше организирано на ниво, а јас, за моја среќа, токму таму го постигнав најголемиот спортски успех, станав вицешампионка на Медитеранот – рече таа.

Истата година Марина Михаилова беше прогласена за најдобра спортистка на Македонија, а четири години подоцна освои уште едно сребро, овој пат од балканските шампионати. Беше осма и на Универзијадата во Загреб.

ЧЕТИРИ ГОДИНИ ВО ПАРТИЗАН ОД БЕЛГРАД

Во меѓувреме Марина и Тони Дамчевски стапуваат во брак, а во 1989 година ја добиваат и првата ќерка, Александра. Поради породувањето Марина отсуствуваше од атлетските борилишта, за веднаш по продолжувањето на кариерата, токму во годините кога се распаѓаше поранешната држава, таа да стане членка на белградски Партизан.

– Ми беше напорно, но не можам да се пожалам на тие години во кои продолжи трендот на постигнување добри резултати. Бев една од главните алки во Партизан на екипните првенства. Исто како кога ги бранев боите на АК Скопје и таму донесував најмногу бодови за екипата. Тоа раководството на клубот знаеше да го цени и бев многу почитувана. Сето тоа ме правеше горда и ми зборуваше дека навистина вредам – продолжи Марина.

По четирите години во Белград семејството Дамчевски се враќа во Скопје. Во 1995 година, за да не биде само сопругата рекордерка и Тони поставува рекордот на Македонија во скок во далечина, 7,15 метри, кој уште е актуелен. Марина продолжи со тренинзите и заедно со сопругот ги бранеше боите на нашата држава. Меѓутоа, кога се очекуваше Марина да продолжи да ги подобрува резултатите, таа доживеа сообраќајна незгода, која ја оддалечи од патеката. По закрепнувањето повторно се обиде да се врати, но веќе не беше онаа старата шампионка. Потоа, заедно со сопругот се посветува на тренерската работа, а по 12 години од породувањето со првата ќерка, доаѓа и втората.

Многумина од пријателите кога ја прашуваат зошто е толку голема разликата во години меѓу двете ќерки, Марина на шега одговара: „Атлетиката не ми остави време за побрзо да се породам со второто дете“.


Марина Михаилова-Дамчевска

Родена во 1962 година во Ташкент (поранешен СССР)
Кариера: АК Скопје, Партизан, Вардар, Работнички, репрезентација на Македонија и на поранешна Југославија
Успеси: Повеќекратна шампионка и репрезентативка на Југославија во седмобој, втора на Медитеранските и на Балканските игри, осма на Универзијадата, рекордерка на Македонија во 11 дисциплини во сала и на отворено


Кроење план за победа

Седмобојот е многу интересен. По првиот ден веќе се наѕира пласманот на натпреварувачките, зашто во следните дисциплини што остануваат за наредниот ден се знае која атлетичарка каков резултат приближно може да постигне.
– На државното првенство во Сента, по првиот ден Марина заостануваше за повеќе од 200 бода зад конкурентката Тамара Малешев. Вечерта седнав, ги зедов таблиците за бодување и скроивме план за утредента. Според моите пресметки, ако Марина ги постигне резултатите што ги очекував ќе биде прва. Пред натпреварот, кога стигнавме на стадионот, отидов кај Малешев и ѝ реков дека денеска ќе победи. Таа само се насмеа и ништо не прокоментира, мислејќи дека се шегувам со неа. Но на крајот не можеше да се изначуди, кога навистина загуби и тоа со иста разлика бодови колку што беше нејзината предност по првиот ден од седмобојот – вели Тони.