Достапни се билети за речиси сите спортови. Најевтините влезници се 20 евра, половината од сите билети се по 66 евра, па и помалку, а билетите за ученици, деца, стари лица и за лица со посебни потреби чинат 15 евра

Почна втората лотарија за билети за Летните олимписки игри (ЛОИ) во 2020 година во Токио, за жителите на Јапонија, со која ќе им бидат достапни повеќе од еден милион билети за речиси сите спортови што се на олимписката програма, како и за церемониите за отворање и за затворање на Игрите.

Првпат ќе можат да се купуваат и билети за мечевите во бокс откако беше потврдено дека тој ќе биде дел од олимписката програма. Билетите за маратонот нема да бидат пуштени во продажба по одлуката на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) трките да се одржат во Сапоро заради избегнување на високите летни температури во Токио. Во продажба ќе нема билети ниту за триатлон, маратонско пливање и коњички крос-кантри бидејќи уште не се утврдени точните термини за овие натпревари.

Лотаријата ќе трае до 18 декември, а тие што ќе успеат да дојдат до билети имаат рок до 10 јануари 2020-та да ги завршат формалностите околу купувањето. Организаторите го ограничија и бројот на билети што може да ги купи едно лице, на 18, од 30 на првата лотарија.

Организаторите на ЛОИ велат дека билетите се нудат по пристапни цени, од кои најевтините чинат 20 евра. Половината од сите билети чинат по 66 евра, па и помалку, а влезниците за деца, стари лица и за лица со посебни потреби чинат 15 евра. Овие цени ќе важат и за над еден милион ученици низ Јапонија. При првата лотарија на билети во Јапонија, која се одржа од 9 до 28 мај, беа продадени над 3,2 милиони билети.