На првиот турнир од Премиер карате-лигата викендов ќе настапат 16 македонски каратисти

Вкупно 16 македонски претставници (15 во борби и еден во кати) настапуваат викендов на првиот од предвидените седум турнири на престижната Премиер карате-лига во Париз, Франција. Турнирот е исклучително силен, а за тоа доволно говори фактот што настапуваат 776 каратисти од 82 држави.

Во Премиер-лигата во пет тежински категории, право на настап имаат 64 претставници по категорија, односно најдобрите 50 од ВКФ ранг-листата, а преостанатите 14 се пополнуваат од првите 100 на истата листа. Настапот на овие вкупно седум турнири (Париз, Дубаи, Рабат, Шангај, Токио, Москва, Мадрид) е мошне значаен, оти е голема можност за освојување што повеќе поени за пласманот на листата на ВКФ, а со тоа и да се биде многу поблиску до Летните олимписки игри (ЛОИ) во Токио в година, каде што каратето ќе дебитира на ЛОИ. Но годинава бодови за олимписка норма ќе се бркаат и на турнирите од Серија А, потоа на ЕП во Гвадалахара, квалификацискиот турнир за ЛОИ во Париз, Европските игри во Минск…

Македонски каратисти во Париз: БОРБИ: Драгана Манговска (до 50 кг), Сара Радичевска (до 50 кг), Симона Заборска (до 55 кг), Вероника Костовска (до 61 кг, Наташа Стефановска (до 61 кг), Ангела Мојсовска (до 68 кг), Моника Стефановска (до 68 кг), Емил Павлов (до 60 кг), Ненад Келебиќ (до 67 кг), Петар Заборски (до 75 кг), Енес Смаилагиќ (до 75 кг), Берат Јакупи (до 84 кг), Виктор Крстевски (до 84 кг), Петар Спасеновски (до 84 кг), Жарко Арсовски (над 84 кг). КАТИ: Пуликсенија Јованоска.