Линдзи Вон

Време е да го послушам моето тело и мислам дека е време да се збогувам со скијањето, изјави Вон (34), која последниве години имаше многу проблеми со повредените колена

Американката Микаела Шифрин победи на супервелеслаломската трка во италијанскиот зимски центар Кортина Д’Ампецо, за неа 54-та во Светскиот куп (СК) со што се израмни со Австриецот Херман Маер на шестата позиција според победите во СК. Повеќе победи во СК од нив имаат Австријците Анемари Прел-Мозер (62) и Марсел Хиршер (67), Американката Линдзи Вон (82) и Швеѓанецот Ингемар Стенмарк со рекордните 86.

Вон по неделната трка изјави дека таа, најверојатно, ѝ е последна во кариерата. Повредените колена на Вон не ѝ дозволуваат да скија максимално и да победува. Болките се преголеми, психолошкиот товар е претежок, а и нејзината гордост е преголема. Не е ни чудно што најави пензионирање.

– Во овие моменти сум многу емоционална. Морам да размислам добро бидејќи таква одлука не се донесува лесно или брзо. Ќе ве известам – изјави Вон, која беше порешителна кога ја интервјуираа од швајцарската телевизија, велејќи дека е „време да го послушам моето тело и мислам дека е време да кажам збогум“.

Во почетокот на сезонава, на тренингот во ноември лани, Вон го повреди и го оперира левото колено. Десното колено ѝ е трајно оштетено од претходните повреди. По долгата рехабилитација таа се врати на патеките минатата недела, но на последните три трки најдобар пласман ѝ беше деветтото место во спуст во саботата.

– Дефинитивно ова не е начинот на кој се надевав дека работите ќе се одвиваат. Во досегашната кариера се справував со многу повреди, но мислам дека тие сега ме спречуваат да го извлечам најдоброто од себе во моментов – вели Вон.

На целта во Кортина, Вон беше пречекана од олимписката шампионка во спуст, Италијанката Софија Гоџиа, со букет цвеќе. Вон не издржа и се расплака.

– Бев преплавена со емоции, навистина беше посебно што таа дојде, тоа навистина многу ми значи – рече Вон, која последниве сезони стана блиска пријателка со италијанската скијачка.

Вон е рекордерка според бројот на победи во Кортина, 12. На таа патека
во 2004-та првпат во кариерата се искачи на победничкиот подиум, а во 2015 година го собори рекордот на Мозер-Прел според бројот на победи во СК.

– Поемоционално е отколку што очекував. Во Кортина скијам веќе 18 години, ова секогаш било одлично место за мене, имам неверојатни спомени. Се надевав дека овој викенд ќе биде слично, беше убаво, но не на начин каков што замислував. Заплакав, беше многу внимателно тоа што го сторија за мене, не очекував такви работи, на мојата последна трка тука – изјави Вон. 


ЛИНДЗИ ВОН

Родена: 18.10.1984 година во Сент Пол, Минесота
ЗОИ (4): Солт Лејк Сити 2002, Торино 2006, Ванкувер 2010 и Пјонгчанг 2018. Олимписки медали: едно злато (спуст во 2010-та) и две бронзи, (супервелеслалом 2010 и спуст 2018-та)
СП (7): 2005, 2007, 2009, 2011, 2013, 2015, 2017. Медали (7): Две злата, на СП 2009 (спуст и супервелеслалом), три сребра, СП 2007 (спуст и супервелеслалом), СП 2011 (спуст) и две бронзи, СП 2015 (супервелеслалом), СП 2017 (спуст)
Светски куп (СК), 16 сезони: Вкупно победи 82 (43 во спуст, 28 во супервелеслалом, четири во велеслалом, две во слалом и пет во комбинација) и 137 подиуми
Титули во СК (4): 2008, 2009, 2010 и 2012
Титули во спуст (8): 2008-2013, 2015, 2016
Титули во супервелеслалом (5): 2009-2012, 2015
Титули во комбинација (3): 2010, 2011, 2012