Петра Влхова

Причините за неуспехот на Шифрин, олимписката шампионка во оваа дисциплина од Пјонгчанг 2018-та, е меката патека поради дождот, топлото време и силниот ветар, но и одличната Влхова

Американката Микаела Шифрин, првата фаворитка за златен медал во велеслалом на Светското првенство (СП) во Оре, Шведска, мораше да се задоволи само со бронза. Нова светска првенка е Петра Влхова од Словачка, која имаше најдобро вкупно време по двете трки, 2:01,97 минути. Со сребро се закити олимписката шампионка во велеслалом од 2010-та и освојувачката на сребрен медал од СП 2015-та, Викторија Ребенсбург од Германија (заостана 14 стотинки). Шифрин имаше заостаток од 38 стотинки зад победничката.

– Се обидував да не мислам на ветерот, туку само на моето скијање. Се наведнав малку пониско од вообичаената позиција и скијав – рече Влхова, за која ова беше прва титула светска првенка (и за Словачка), а претходно освои и сребро во комбинација на СП.

Причините за неуспехот на Шифрин, олимписката шампионка во оваа дисциплина од Пјонгчанг 2018-та, е меката патека поради дождот што паѓаше два дена едноподруго пред трката, топлото време и силниот ветер (над 70 км/час). Но не треба да се изземе одличната Влхова, која сезонава веќе забележа две велеслаломски победи во Светскиот куп (СК) и е единствената што беше подобра на една слаломска трка од Шифрин.

– По првата трка (беше четврта – н.з.), си помислив ако успеам да освојам медал ќе биде супер. Бронзата ми изгледа како одлично постигнување – изјави Шифрин за која ова беше шести медал од СП, два помалку од рекордните осум на Линдзи Вон, кога станува збор за американски скијачки.

Денеска на СП се вози слаломската трка во која главна фаворитка е Шифрин, која атакува на четвртата светска титула едноподруго.