Македонскиот ФИДЕ-мајстор (ФМ) Роберт Велески го освои 28-то место на меморијалниот шаховски турнир „Ласло Барсаи“, кој се одржа во унгарскиот град Залакарош, во девет кола.
Во конкуренција на 158 шахисти од 16 држави (тројца ВМ, 24 ИМ, една ЖИМ, 24 ФМ, една ЖФМ), Велески (рејтинг 2.225 поени, 35-ти пред почетокот на турнирот), освои 5,5 поени со четирите победи и двете ремија и освои нови 5,4 рејтинг-поени.
Од другите двајца Македонци на турнирот, Зоран Дмитровиќ (2.069, рангиран 66-ти), заврши на 63-то место со пет поени (две победи, шест ремија, еден пораз), а ФМ Љубомир Хаџиманев (2.049, рангиран 72-ри) со 4,5 поени (по три победи, ремија и порази), го освои 81-то место.
На турнирот славеше унгарскиот интернационален мајстор (ИМ) Миклош Галијас (2.508, рангиран 2-ри на турнирот) со седум поени, колку што имаа уште шестмина шахисти, меѓу кои и прворангираниот, ИМ од Унгарија Гергели Ажел (рејтинг 2.567), но сите со послаб дополнителен критериум од победникот.