Зоран Гавриловски

Идеи добивам со следење на проблемската периодика и размислување како може да се направи оригинален и естетски, економичен и добро конструиран проблем со тематска и хармонична игра, чие решение е неочекувано, вели македонскиот проблемист од светски калибар, Зоран Гавриловски

Истакнатиот македонски велемајстор (ВМ) на шаховската композиција, Зоран Гавриловски, е автор на околу 800 шаховски проблеми со богата и интересна содржина, од кои околу половината се одликувани, од кои околу 150 со награди и околу 250 со други одликувања. По Живко Јаневски од Гевгелија (ВМ од 1996 г.), тој е вториот Македонец со оваа највисока титула во компонирање, освоена во 2016 година. За да се стане ВМ на шаховска композиција, потребно е во албумите на ФИДЕ да бидат избрани најмалку 70 проблеми (еден проблем носи еден поен).

Гавриловски засега има 89,5 поени, а Јаневски со 266,5 е четврти во светот. Со 29 поени за ФИДЕ-албумот 2013-2015 г., Гаврилоски е на 5-то место на неформалната светска листа за истиот период. Адвокат и правен консултант по вокација, кој живее во Скопје, а потекнува од Гостивар, тој во 1990 година станува најмладиот мајстор во составување шаховски композиции во поранешна СФРЈ. Веќе 18 години го уредува и издава на англиски јазик проблемското списание „Македонски проблемист“.

Кога го објавивте својот прв шаховски проблем?

– Во 1985 година во енигматското списание „Котелец“, кога имав 17 години. Од каде ги црпите идеите при компонирање проблеми? – Идеи добивам со следење на проблемската периодика и размислување како може да се направи оригинален и естетски, економичен и добро конструиран проблем со тематска и хармонична игра, чие решение е неочекувано. Инспирација црпам и од настани или од уметнички жанрови, како славниот Семјуел Лојд, кој во петопотегот „Ексцелзиор“ од 1867 г. со континуирано движење на бел пион од вториот до осмиот ред на шаховската табла го прикажа стремежот на главниот лик од истоимената куса поема на Х.В. Лонгфелоу од 1841 година.

Дали Македонија има иднина на полето на проблемскиот шах?

– Македонија речиси нема млади проблемски кадри, кои по 1-2 децении би можеле да ги продолжат значајните екипни и поединечни успеси во компонирање шаховски композиции или да бидат конкурентни на светските и на европските првенства во решавање. Тоа е така поради непостоењето рубрики за проблемски шах во дневниот и во периодичниот печат и неорганизирањето државни првенства во компонирање и решавање, а делумно и поради недоволната заинтересираност на Шаховската федерација на Македонија (ШФМ) да го поддржи овој успешен сегмент на играта на 64-те полиња во Македонија.

Што претставува Светскиот конгрес на шаховската композиција и екипното СП во решавање во Охрид (1-8 септември годинава) за македонскиот проблемски шах?

– Секако можност за понатамошна афирмација на македонскиот проблемски шах, но и за анимирање потенцијални проблемисти од редот на шахистите, кои слободно можат да учествуваат на Отворениот турнир во решавање. Се надевам дека успесите на македонските проблемисти на турнирите во компонирање во Охрид ќе поттикнат интерес за проблемскиот шах, кој со право го носи епитетот шаховска поезија.

Која е вашата крајна цел на полето на проблемскиот шах?

– Титулата велемајстор (ВМ), која досега им е доделена на само 90 проблемисти низ светот, беше круна на повеќе мои успеси што досега се ненадминати на светско ниво. Тоа се најголем број поени (МВП) освоени на последните екипни светски првенства во компонирање (ЕСПК) 2012-2013 и 2016-2017, победи и други награди во одделни групи на ЕСПК, Светскиот куп на ФИДЕ итн. Иако во вкупна конкуренција на поединечните СП во компонирање (ПСПК), имам најдобар севкупен резултат на сите времиња (20 проблеми што директно влегоа во официјалната антологија на најдобри шаховски композиции, ФИДЕ-албум 2013-2015 г,), најдобар пласман во одделни групи на ПСПК ми се 5-то место во матови во два потега и 5-то место во матови во три потези на ПСПК 2013-2015 г., па затоа се надевам дека на некое наредно ПСПК, ќе освојам медал во тие групи или во групата самоматови.