Наши известувачки од Келн:
Јасминка Павловска
Сузана Митревска

Ра­ко­ме­та­ри­те на ма­ке­дон­ски­от пр­вак и европски шампион од 2017 година, Вардар, по втор пат ќе играат во големото финале во Ли­га­та на шам­пи­о­ни­те (ЛШ), откако попладнево во „Ланксас арената“ во Келн, се надминаа себе си и успеаја со неверојатни 15 минути во второто полувреме да го совладаат осумкратниот европски првак, шпанска Барселона со 29-27.

Избраниците на тренерот Роберто Парондо, сепак, приредија вистинско чудо во Келн, посебно ако се знае дека во првиот дел се изнапромашија во нападот, а не искористија дури четири зицери, направија и седум грешки, за разлика од Барселона (само три грешки), која играше одлично во одбраната, а ефикасно во нападот.

Барселона и во вториот дел имаше предност од седум гола (22-15), но вардарци не ни помислуваа да се предадат, а нивната рапсодија започна во последните 10-на минути, кога почнаа да ја полнат мрежата на шпанскиот гол. Дека чудо може да се случи, го најави израмнувачкиот гол на Рожерио Мораеш (26-26), во 57-та минута, а чудото дефинитивно се случи со водечкиот гол на Игор Карачиќ (27-26) во 59-та минута. Победата ја завери капитенот Стојанче Стоилов со гол во последните минути за конечни 29-27 и пласман во утрешното големото финале, каде силите ќе ги одмери со унгарски Веспрем (18 ч.), кој пак, во првото полуфинале го совлада полски Киелце со 33-30.

Најефикасен поединец кај Вардар беше неверојатниот Данаи Кристипанс со девет гола, но блескаше и феноменалниот Дејан Милосављев на голот, додека во таборот на Барселона, Гомес даде девет погодоци.