Дванаесет партии, 12 ремија во Лондон, во мечот за светски шаховски првак без многу ризик, со многу повторени отворања, но, сепак, борбен. Резултатот по истекот на регуларниот тек помеѓу актуелниот шампион, Норвежанецот Магнус Карлсен (2.835 рејтинг-поени), и претендентот, Американецот Фабијано Каруана (2.832), е нерешен, 6-6. Ова е и прв меч за светски првак што завршил без ниту една победа во регуларниот тек. Денеска се игра т.н. тајбрејк, најмногу со девет меча, со пократко темпо на размислување.

И пред две години се играше тајбрејк, кога Карлсен го совлада рускиот претендент Сергеј Карјакин, но откако во регуларниот дел и двајцата добија по една партија.
Во решавачкиот дел од мечот за титулата светски шаховски првак, т.н. тајбрејк, денеска ќе се играат најмногу девет партии. Прво следуваат четири партии, со темпо на размислување од 25 минути плус 10 секунди по секој одигран потег по играч (т.н. рапид или брз шах). Ако биде нерешено, следуваат две партии со брзо темпо, односно по пет минути, плус три секунди по одигран потег (т.н. блиц или забрзан шах).

Ако, пак, биде нерешено, ќе се играат уште две со ова темпо, а ако одново биде нерешено, само една партија во која белиот ќе има пет минути за размислување, а црниот четири (до 61-от потег двајцата не добиваат секунди по одигран потег, а потоа по три за секој потег), но со евентуално реми, црниот ќе биде победник. Карлсен во првата партија ќе ги има белите фигури, а играчот со бели фигури во евентуалната деветта партија ќе биде одреден со ждрепка.