Со едрилица преку Атлантикот во авантура долга 5.000 км

Ние сме добро подготвени, ги поминавме речиси сите можни обуки, ни изјави Борјан Пановски, кој ќе биде дел од шестчлен екипаж (крузер „бенето 57“, долг 17 метри, со име „Истриа“) на транс-атлантската регата „АРЦ 2019“, која се одржува секоја година, со почеток од Лас Палмас на Канарските Острови до островот Света Луција на Карибите

ТРАНСАТЛАНТСКАTA РЕГАТА „АРЦ 2019“

Македонија нема морепловци што пловеле и го истражувале светот, или биле дел од некои познати експедиции, но за очекување е наскоро работите да се променат и на тој план, откако Борјан Пановски, кој живее и работи во Њујорк, САД, би требало да биде првиот Македонец што го препловил Атлантски Океан. Станува збор за неговото учество на трансатлантската регата „АРЦ 2019“ (Atlantic Rally for Cruisers), која се одржува секоја година на крајот од ноември, со почеток од Лас Палмас на Канарските Острови и со пристигнување на островот Света Луција на Карибите.

– Колку што успеав да се информирам од неколку релевантни извори, едриличарски клубови и од Едриличарската федерација на Македонија, се чини дека ќе ја имам честа да бидам првиот Македонец што го препловил Атлантикот. Нашиот крузер „бенето 57“ е долг 17 метри (со име „Истриа“), на него ќе бидеме шестмина, нѐ има од повеќе националности, по двајца Американци и Ирци, по еден Французин и Македонец и ќе пловиме под американско знаме. Скиперот (капетанот – н.з.) е Американец со хрватски корени, заедно работевме до пред некое време, се дружевме, едриме и, еве, сега сме на мисија да го препловиме Атлантикот – вели Пановски.

Почетокот на регатата е в недела, на 24 ноември од Канарските Острови, а пристигнувањето на Карибите би било за околу две и пол недели, меѓу 10 и 12 декември. Должината на маршрутата изнесува околу 2.700 наутички милји или околу 5.000 км. На регатата ќе учествуваат над 100 тима поделени во повеќе класи според должината и според дизајнот. Оваа регата е аматерска и главно тимовите сами ги финансираат трошоците за патувањето без големи корпоративни спонзори. Ако се тргне настрана вредноста на самиот брод, трошоците се во некоја средна четирицифрена бројка. Некои од модерните натпреварувачки едрилици ќе го поминат Атлантикот и за 10 дена, но ние планираме да го сториме тоа за нешто подолго време, бидејќи сме ограничени со дизајнот на бродот и со максималната брзина. За појаснување, брзината на едрилиците (и кој било пловен објект генерално – н.з.) и нивната стабилност е ограничена од нивниот дизајн и од формата на трупот без разлика на силината на ветерот или силината на моторот.

Модерните бродови имаат минимален дел од трупот под вода поради што достигнуваат големи брзини. Екстремна верзија на ова се едрилиците на Купот на Америка, кои се издигнуваат над водата и со тоа достигнуваат брзини поголеми од брзината на ветерот. Ние сме добро подготвени, ги поминавме речиси сите можни обуки, па и за преживување, повеќепати сме едреле заедно, во Италија, на Медитеранот, сите си ги знаеме задолженијата и мислам дека ќе немаме поголеми проблеми. Ќе дејствуваме во тројки, јас ќе бидам нешто како втор капетан, и сум задолжен за навигацијата во мојата смена, ќе бидам во постојан контакт со човек во Англија, кој ќе ни дава информации за временските услови, за ветрови и за сѐ друго што ни е потребно – објаснува Пановски.

Пановски (50) живее со семејството во Њујорк од 2006 година. Роден е во Скопје, од каде што заминал пред дваесетина години, прво во Даблин, Република Ирска, каде што престојувал од 2000 до 2006 година, пред да се пресели во САД.
– Во Ирска почнав посериозно да се занимавам со едрењето врз аматерска база, бидејќи таму имаше одлични услови за такво нешто, насекаде море и ветер. Всушност таму продолжив со моето хоби од младоста, бидејќи претходно едрев на Мавровско и на Охридско Езеро во Македонија, кога имав време и кога дозволуваа временските услови. Во Њујорк и во околината има одлични услови за едрење, за мене тоа е прекрасен начин за релаксација, за уживање и за справување со секојдневните стресни ситуации. Секој си има некое хоби, пасија, за мене тоа е едрењето – вели Пановски.


Искачувањето на Монт Еверест е поризично од едрењето преку Атлантикот

Препловувањето на Атлантикот е голем предизвик и кога ми се укажа таква шанса воопшто не се двоумев. Не дека тоа ми беше некој сон или фиксација, но посакував такво нешто со повеќе адреналин. Сега како што се ближи денот на испловувањето признавам дека имам мала трема. Не е исто кога едрите покрај брег, поинаку е на отворено море или океан, кога не се гледа брегот, туку само вода. Сѐ е поинаку, посебно денови и денови со рамна линија на хоризонтот. Постојат разни опасности, треба да внимаваме да не удриме во кит или во контејнер што испаднал од некој брод, што може да се случи, иако ретко. Но, како споредба, за мене многу поризична работа е човек да оди на Монт Еверест или на К2, и на врвови над 8.000 метри на Хималаите. Им се восхитувам на тие што се одлучуваат на тие потфати. Сите имаме различни размислувања, перцепција за ризик, желби и потреби и секој треба на некој начин да се обиде своите соништа да ги преточи во јаве, зошто да не, вели Борјан Пановски.


Едрењето е многу релаксирачка активност

Надвор од професионалниот и од семејниот живот, член сум на една поголема група љубители на едрењето од Менхетн со која двапати во годината одиме на различни дестинации на Карибите со едрилици. Тоа е нешто слично со она што го прават некои едриличарски клубови во Македонија на Јадранот или на Егејско Море. Моја препорака е секој што може да ја испроба оваа активност, бидејќи е многу релаксирачка и може да се практикува и во втората половина од животот, дава многу интересни доживувања, нови и несекојдневни дестинации и нови пријателства, вели Борјан Пановски.

[email protected]