На олимписките игри не можеме да имаме е-спортови сѐ додека тие промовираат насилство и дискриминација, рекол Бах, претседателот на Интернационалниот олимписки комитет

Претседателот на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), Томас Бах, изјавил дека не е сигурно кога и дали воопшто е-спортовите ќе станат дел од олимписките игри.

– На олимписките игри не можеме да имаме е-спортови сѐ додека тие промовираат насилство и дискриминација. Не сум сигурен ни дали воопшто е-игрите имаат олимписка иднина, бидејќи тие не ги промовираат олимписките вредности. Мора е-спортовите да станат вистински спорт за да бидат дел од олимписките игри – рекол Бах.

Своја шанса за промоција е-спортистите добија на Азиските игри во Џакарта. Меѓутоа челниците на Азиската федерација за електронски спортови (АЕСФ) се оптимисти и веруваат во напредок, бидејќи на наредните Азиски игри во Кина, во 2022 година, тие би требало да бидат и официјална спортска дисциплина во која ќе се доделуваат медали.

– Азиските игри завршија, а ние со нетрпение очекуваме што ќе правиме следната година – изјавил за новинарите претседателот на АЕСФ, Кенет Фок, додавајќи дека, исто така, очекуваат одлука од ИОК дали ќе се остварат предлозите за нивно вклучување на олимписките игри.

Меѓународната федерација на е-спортови (ИЕСФ) е во разговори со организаторите на ЛОИ 2024 во Париз, за инкорпорирање на дисциплината како демонстрациски спорт на игрите.

– Ние правиме чекор напред во растењето на е-спортот според олимписките принципи и идеали – рекол Фок.

Повеќе години во е-спортот се вртат големи суми, а вкупниот приход на е-индустријата за 2019 година се очекува да биде 1,1 милијарда долари. Најдобрите е-спортисти заработуваат околу еден милион долари годишно, а според анализите на стручњаците, прашање на време е кога ќе станат најплатени спортисти на светот.

За тоа дека натпреварувањата во е-спортот се исклучително гледани и посетени зборува фактот што финалето во „Лига на легендите“ во 2014 година се одржало на целосно распродаден стадион (капацитет од 66.700 гледачи) во Сеул.


Нов идентитет на гејмерите

Локеш Суџи, потпретседателот на Азиската федерација за електронски спортови (АЕСФ), се гордее со новиот идентитет на гејмерите, кој го добиле на Азиските игри.
– На Азиските игри гејмерите прераснаа во спортисти. На нивните акредитации тие беа идентификувани како „спортисти“. Претходно беа нарекувани гејмери или прогејмери. Ова е трансформација – рекол Суџи.