Од илјадници стари уреди, со рециклирање ќе бидат искористени златото, среброто и бронзата, за да се изработат медалите за најдобрите спортисти на ЛОИ 2020

Претседателот на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК), Томас Бах, при посетата на Токио донира стар мобилен телефон, за од него и од илјадници други стари уреди со рециклирање да бидат искористени златото, среброто и бронзата за да се изработат медалите за најдобрите спортисти на Летните олимписки игри (ЛОИ) во главниот град на Јапонија во 2020 година, објави ИОК.

Бах и гувернерката на Токио, Јурико Коике, разговараа за блиската соработка во подготовките на ЛОИ 2020 и за одржливоста на Игрите. Планирано е да бидат изработени 5.000 медали, сите со рециклирање електронски отпад.

Би-би-си јавува дека малку повеќе од една година откако бил почнат проектот за рециклирање, во април 2017 година, организаторите собрале 16,5 кг злато (целта е 30,3 кг) и 1,8 тон сребро (треба 4,1 тони), а бронзата е веќе собрана (2,7 тони). Целта е сиот метал да биде од рециклирани материјали. Од околу 40 мобилни телефони може да се извади околу еден грам злато, а во златните медали за ЛОИ се употребуваат шест грама (остатокот е сребро), пишува Би-би-си.