Германецот што прескокна 131,5 и 135,5 метри и го освои златниот медал, досега ниту еднаш не победил во Светскиот куп, а во септември 2012-та имаше тежок пад на тренингот во Оберсдорф

Германецот Маркус Ајзенбихлер е новиот сензационален светски првак во скијачки скокови во Инсбрук, Австрија. Втор беше неговиот сонародник Карл Гајгер, а трет Швајцарецот Килијан Пиер.
Ајзенбихлер, кој прескокна 131,5 и 135,5 метри и го освои златниот медал, досега ниту еднаш не победил во Светскиот куп. Уште повеќе, тој доживеа тешка незгода во септември 2012-та, на тренингот во Оберсдорф, кога падна на глава, имаше прелом на третиот вратен пршлен, а уште четири пршлени му беа нагмечени. Беше неподвижен и неколку месеци не можеше да оди.

– Ова е неверојатно, пресреќен сум, не ми се верува дека се случува ова. Додека лежев по падот не чувствував ништо, се плашев дали воопшто ќе можам да одам. Додека лежев во болницата имав многу време за размислување. Решив да му се вратам на спортот, но само ако бидам целосно здрав, под мотото „сѐ или ништо“ – изјави Ајзенбихлер, по професија полицаец, кој првиот скок по повредата го имаше токму во Оберсдорф, во 2014-та.

Неговиот напредок во сезоната 2016/2017 резултира со освојување бронзен медал на СП во Лахти и златен екипо во мешана конкуренција.

Во март 2017 на Планица, Словенија, успеа да прелета 248 метри, што е германски рекорд.