Русинот Артемиев (21) и пред почетокот на ЕП беше прворангиран, а за титулата освои и парична награда од 20.000 евра. Најдобар македонски шахист е Георгиев на 57-то место, но му припадна и третата награда (400 евра) во категоријата најдобар сениор (над 50 години)

Рускиот велемајстор (ВМ) Владислав Артемиев (2.736 рејтинг-поени, 21-ви во светот на мартовската листа на ФИДЕ) е новиот европски првак во шах, 20-ти по ред. Со тоа продолжи традицијата, според која никому не му успеало досега двапати да триумфира на европските првенства (ЕП).

Тоа е епилогот по 11-те кола на јубилејното 20-то Европско поединечно првенство во шах, кое во одлична организација се одржа во х. „Хилтон“ во Скопје (награден фонд од 100.000 евра), во конкуренција на 361 шахист од 42 држави (143 ВМ), што е петто ЕП според масовноста досега.

На турнирот влегов како фаворит, оти имав највисок рејтинг од сите учесници. Знаев дека нема да биде лесно, а по петтото коло имав четири поени. Но потоа заиграв добро со белите фигури и на крајот успеав да победам. Македонија ми е среќна земја, оти претходно имам учествувано на турнирот Карпош опен, а лани во декември во Скопје станав европски првак во забрзан шах. Луѓето и атмосферата тука се добри и се радувам што играв на овој турнир – ни изјави Артемиев.

Артемиев (21), кој и пред почетокот на ЕП беше прворангиран, освои вкупно 8,5 поени (шест победи и пет ремија, без пораз). Второто место му припадна на ВМ од Шведска, Нилс Гранделиус (2.694, рангиран 9-ти пред ЕП), исто така со 8,5 поени, но со послаб дополнителен критериум. Бронзениот медал го освои ВМ од Полска Каспер Пиорун (2.631, рангиран 37-ми пред ЕП) со осум поени, колку што имаат уште осум шахисти.
Покрај победничкиот пехар, на Артемиев му припадна и паричната награда од 20.000 евра, Гранделус стана побогат за 15.000, а Пиорун за 10.000 евра.

Боите на Македонија ги бранеа вкупно 24 шахисти (штета што не настапија повеќе македонски ВМ), а најдобар пласман, очекувано, оствари ВМ Кирил Георгиев (2.595, рангиран 74-ти), кој со седум поени (пет победи, четири ремија и два пораза) го освои 57-то место. Георгиев ја освои и втората награда од 600 евра, во категоријата најдобар сениор (над 50 години). Прв во таа категорија беше Израелецот Борис Гелфанд (7,5 поени). Македонските надежи, ИМ Никола Николовски (рејтинг 2.404) и ФМ Тони Лазов (2.332), го освоија 228-то, односно 289-то со пет, односно со четири поени.

Најдобропласирана шахистка е Русинката Александра Горјачкина (2.504, рангирана 136-та), која со 6,5 поени го освои 66-то место. Досегашниот европски првак, Хрватот Иван Шариќ (2.703, рангиран 5-ти), заврши на 87-то место, со 6,5 поени.