Шахријар Мамеѓаров

Шахистите на Алкалоид (2.701 просечен рејтинг, рангирани први пред турнирот), успешно ги продолжуваат борбите на Европскиот клупски куп (ЕКК), во Улцињ, Црна Гора. Мечот од 4-то коло беше со императив за висока победа на Алкалоид, како предуслов да се продолжи трката за еден од посакуваните медали. Алкалоид ја совлада српската екипа Итака (2.458, рангирана 16-та) со 5-1.

Со сигурна игра, цел поен освоија Шахријар Мамеѓаров, Владислав Ковалев, Сем Шанкланд и Јури Криворучко, а ремизираа Дмитри Андрејкин и Ернесто Инаркиев. Највозбудливо беше на првата табла, помеѓу велемајсторите Мамеѓаров и Александар Инѓиќ. Во динамична и остра позиција дојде до израз шаховската сила на шахистот на Алкалоид, Мамеѓаров, кој по голема борба победи. Засега најуспешен играч во редовите на Алкалоид е Ковалев, со 3,5 поени од четири партии. По четири кола, од предвидените седум, Вугар Гашимов (Азербејџан), Медни Всадник (Русија), Падова (Италија) и Јоли Лиса (Чешка) имаат по осум бода, а потоа следува група тимови со по шест, меѓу кои е и Алкалоид. Во 5-то македонскиот првак за противник го доби швајцарскиот Цирих (2.420, рангиран 18-ти пред ЕКК).