Цел поен во второто коло за „фармацевтите“ освоија Инаркиев, Ковалев и Панчевски, а вчера се играше дербито со европскиот првак Медни Всадник

Шахистите на Алкалоид (2.701 просечен рејтинг, рангирани први пред турнирот) ја забележаа и втората победа на годинашниов Европски клупски куп (ЕКК), кој во седум кола се игра во Улцињ (Црна Гора), совладувајќи ја во второто коло австриската екипа Раика Рапид Феферниц со 4,5-1,5 поени.

Текот на мечот покажа дека нема лесни противници, па така по три часа игра резултатот беше нерешен (1,5-1,5). Ремизираа Дмитри Андрејкин, Сем Шанкланд и Јури Криворучко, на првата, втората, односно на четвртата табла. Највозбудливо беше во партијата помеѓу Андрејкин (2.773 рејтинг-поени) и Нијат Абасов (2.655), во која Андрејкин жртвуваше фигура за напад, но противникот успеа да ги одигра единствените потези и да спаси реми со вечен шах. Со сигурна игра и победа, новото засилување на Алкалоид, Белорусинот Владислав Ковалев (засега единствен со две победи), му донесе водство на Алкалоид, а потоа следуваа цели поени за Панчевски и за Инаркиев за конечен триумф.

По две кола 16 екипи (од вкупно 66 клуба што учествуваат) имаат по максимални четири бода, а најдобар скор по табли (11,5) има руската екипа Москва. Во вчерашното трето коло Алкалоид играше против рускиот претставник и бранител на европската титула, Медни Всадник од Санкт Петербург (2.689, рангиран втор пред ЕКК). Околу врвот на табелата многу работи ќе зависат токму од ова дерби на ЕЕК.


Убедлива победа на шахистките на Гамбит Асеко СЕЕ

По почетниот пораз шахистките на скопски Гамбит Асеко СЕЕ (2.222, рангирани 11-ти пред турнирот), во 2-то коло остварија максимална победа со 4-0 против израелската екипа Хертзалија (1.958, рангирана 14-та), на Европскиот клупски куп (ЕКК). Нурѓул Селимова, Белослава Крстева, Сандра Ѓукиќ и Викторија Бухтеева забележаа по цел поен. Засега Русинката Бухтеева е единствена со две победи. Во третото коло Гамбит Асеко СЕЕ за противник ја доби руската екипа СПБ (2.335, рангирана осма). По две кола Гамбит Асеко СЕЕ е на 10-то место со два бода (пет поени по табли), а во водство се украински Киев, Серкл д’чес од Монако и чешки Нови Бор со по максимални четири бода, во конкуренција на 14 екипи. Г.И.