ШК Алкалоид со победничкиот пехар во 2016 година

Македонскиот шаховски првак е прв фаворит на годинашниов Европски клупски куп, што од недела до 16 ноември ќе се одржи во Улцињ, Црна Гора

Македонскиот повеќекратен шаховски првак Алкалоид (2.701 рејтинг-поен), е прв фаворит за освојување на годинашниот Европски клупски куп (ЕКК), кој ќе се одржи во Улцињ, Црна Гора (10-16 ноември) во 7 кола. Како што е познато, во 2016 година Алкалоид стана европски првак (што претставува пандан на Лигата на шампионите во фудбал н.з.), освојувајќи 12 бода во седум меча (пет победи, два нерешени меча, без пораз) и тоа во годината кога клубот одбележа 40 години од своето формирање. Во 2017 година Алкалоид продолжи со успешен настап на ЕКК и во Анталија (Турција), каде што беше вицепрвак со 11 бода (пет победи, еден нерешен меч и еден пораз). Со идентичен скор во 2018 година (11 меч-бодови), клубот се најде на делба од трето до шесто место, а по дополнителен критериум беше шести.

– Има четири изедначени екипи што ќе се борат за највисок пласман во Улцињ. Ние сме прворангирани, така што со право може да се надеваме повторно да ги освоиме првото место и победничкиот пехар. Сметам дека при толку еднакви екипи, значајна улога во конечниот пласман ќе одиграат тимскиот дух, атмосферата во екипата и секако спортската среќа – оптимист е ИМ Филип Панчевски.

Годинава клубот ќе настапи со забележливо изменет состав, без четворица играчи од претходна сезона, но со еден од најсилните светски шахисти, велемајсторот (ВМ) од Азербејџан, Шахријар Мамеѓаров (рангиран на првото место на ЕКК, а осми во светот н.з.), кој ги бранеше боите на Алкалоид во 2007, 2008 и 2009 година. Во клубот остануваат стандардните членови, рускиот ВМ Дмитри Андрејкин, кој ја предводеше Русија до златото на неодамна завршеното екипно Европско првенство (ЕП), како и Украинецот Јури Криворучко. Првпат за Алкалоид ќе настапи шампионот на САД за 2018 година, ВМ Сам Шанкланд, стандарден репрезентативец и носител на златен олимписки медал во 2018 година. Втор повратник во екипата е рускиот ВМ Ернесто Инаркиев, кој беше европски првак во 2016 година.

Составот е комплетиран со двајцата најдобри македонски шахисти, ВМ Трајко Недев и ИМ Филип Панчевски, додека капитен на екипата е ВМ Драгољуб Јаќимовиќ. Со освежен состав и играчи што биле дел од овој одличен спортски колектив, Алкалоид ќе продолжи да се бори за европскиот врв. Конкуренцијата и годинава е многу силна, а покрај Алкалоид, на првото место ќе атакуваат и ланскиот првак Медни Всадник од Русија (2.689 рејтинг-поени), АВЕ Нови Бор од Чешка (2.687), кој беше втор во 2018 година, Падова од Италија (2.686), која е секогаш до врвот…

На ЕКК се пријавени најголем број учесници досега, односно 66 машки екипи од 48 држави со вкупно 524 шахисти (131 ВМ, 15 ЖВМ, 105 ИМ, 12 ЖИМ, 83 ФМ, 8 ЖФМ). Во женска конкуренција, пак, ќе настапат 14 женски екипи со 67 шахистки од 12 држави (11 ВМ, 11 ЖВМ, 18 ИМ, 10 ЖИМ, 1 ФМ, 5 ЖФМ). Македонскиот претставник Гамбит Асеко СЕЕ, кој во 2015 година во Скопје го постигна најголемиот успех во женскиот клупски шах, кога го освои сребрениот медал, е рангиран на 10-то место (2.241). Боите на клубот ќе ги бранат една Македонка, Русинка и Србинка и две Бугарки. Главни фаворити се украински Киев (2.449), Серкл д’чес од Монако (2.466) и грузиски НОНА (2.457), а прворангирана шахистка е ВМ од Индија, Химпи Конеру (2.577), која настапува за Серкл д’чес. 


Состав на Алкалоид

ВМ Шакријар Мамеѓаров 2.772
ВМ Дмитри Андрејкин 2.733
ВМ Сам Шакланд 2.679
ВМ Ернесто Инаркиев 2.665
ВМ Јури Криворучко 2.683
ВМ Владислав Ковалев 2.674
ВМ Трајко Недев 2.500
ИМ Филип Панчевски 2.490

Состав на Гамбит Асеко СЕЕ

ИМ Нургул Салимова 2.415
ФМ Белослава Крстева 2.261
ЖИМ Сандра Ѓукиќ 2.179
ЖФМ Викторија Бухтеева 2.110
Ивана Манова 1.795