Магнус Карлсен по пристигнувањето во Струга

Шахистите на македонскиот првак Алкалоид (прворангиран), неочекувано минимално со 2,5-3,5 загубија од шпанскиот претставник Валенсија (рангиран 5-ти), во 3-то коло на Европскиот клупски куп (ЕКК) во Струга, со што ја загубија водечката позиција на табелата. Цел поен во редовите на Алкалоид, впиша само Ернесто Инаркиев, а загубија Данил Дубов и Јури Криворучко.

Од останатите три македонски клуба, победа единствено оствари Гамбит Асеко СЕЕ (рангиран 16-ти), кој со 4-2 го совлада романски Перфект (рангиран-18-ти), благодарејќи на победите на ИМ Никола Николовски и ФМ Љубиша Андоновски. Екипата на Прилеп (рангиран 17-ти), очекувано високо загуби од еден од фаворитите за првото место, руски Медни Всадник (рангиран втори) со 0,5-5,5. Единствено Гушеш ремизираше на првата табла со Петер Свидлер. Минимален пораз од 2,5-3,5 доживеа и Гостивар (рангиран 31-ви) од шведскиот клуб Васа (рангиран 35-ти).

Актуелниот светски првак Магнус Карлсен (најголем рејтинг во светот, 2,855 поени), кој од оправдани причини вчера пристигна во Струга, а настапува за норвешки Оферспил (рангиран осми), по дури 91 одигран потег успеа да го скрши отпорот на својот послаб ривал од холанскиот тим Зуид-Лимбург, Јеле Сарау (2.374), а Оферспил го доби мечот со убедливи 5,5-0,5 поени и моментно е на 12-то место со четири бода.

По 3-то коло во водство со по максимални шест бода се Медни Всадник, чешки Нови Бор, руски КПРФ, ираелски Бер Шева и Валенсија. Алкаоид е шести, Прилеп девети, Гамбит 11-ти, сите со по четири бода, додека Куманово е на 35-то место без бодови (пет поени по табли), од вкупно 38 екипи.

Во женска конкуренција, македонските екипи Куманово и Алакоид одиграа без победник 2-2, додека МШК Центар загуби од украински ГРЕКО со 1-3. Дуелот помеѓу словенечки Тајфун и руски Јужен Урал им припадна на Русинките со 2,5-1,5, додека првиот фаворит Монте Карло со 3-1 го совлада австриски Баден. На табелата води Јужен Урал со максимални шест поени, пред Греко со пет, Монте Карло и Алкалоид имаат по три, Куманово два, Тајфун два и МШК Центар е последен осми, без освоен бод (четири поени по табли).

На ЕКК, во машка конкуренција играат 38 клуба, со 277 шахисти, од нив 85 велемајстори (ВМ), а во женска конкуренција осум клуба со 40 шахистки (седум ВМ). Ова е третпат како се одржува ЕКК во Македонија, по Охрид во 2009 и Скопје во 2015 година. Новите клупски шампиони ќе бидат познати по седмото коло.

Г.И.