Победничката екипа на Медни Всадник

Жалам што не ја освоивме шампионската титула иако бевме на чекор до неа. Посебно сум задоволен што тројца наши играчи освоија индивидуални медали, вели капитенот на Алкалоид, Драгољуб Јаќимовиќ

Европски првак од 2016 и вицепрвак од 2017 година, скопски Алкалоид (просечен рејтинг од 2.741 поен), сепак остана без медал на 34-от Европски клупски куп (ЕКК) во Порто Карас (Грција), иако беше прв фаворит. Овој пат „фармацевтите“ мораa да се задоволaт со шестата позиција и со освоени 11 бода (30 поени по табли). Поразот од Валеренга во 6-то коло беше решавачки за посакуваната титула иако во последното 7-мо коло, Алкалоид го совлада израелски Бер Шева со 4,5-1,5.

– Жалам што не ја освоивме шампионската титула иако бевме на чекор до неа. Сепак во шахот се случуваат и изненадувања. Но, радосен сум од ангажираноста и професионалниот пристап кон партиите од страна на нашите шахисти, кои го дадоа максимумот за да дојдат до саканиот трофеј. Посебно сум задоволен што тројца наши играчи освоија медали за индивидуални резултати – вели капитенот на Алкалоид, ВМ Драган Јаќимовиќ.

Поединечно, пак, Алкалоид се враќа со три медали. Кинезот Лирен Динг (2.804) го освои златниот медал на првата табла со 4,5 поени од шест партии, неговиот сонародник Јангуи Ју (2.765) бронзениот на втората табла со пет поени од седум можни, додека Русинот Дмитри Јаковенко (2.752) со освоени 5,5 поени од седум партии се закити со сребро на четвртата табла.

– Среќен и задоволен сум што три години ги бранам боите на организиран и афирмиран клуб како што е „Алкалоид“. Се трудев да дадам сѐ од себе вторпат да ја вратиме круната во Скопје, но, за жал не успеавме. Морам да истакнам дека партијата против светскиот првак Магнус Карлсен, можеби можеше да ја добијам, но направив мал превид и на крајот таа заврши со реми. И натаму останувам во „Алкалоид“, бидејќи тој е најорганизираниот клуб во Европа – истакна Динг.

Затоа, пак, историски успех постигна вториот македонски претставник на ЕКК, скопски Гамбит Асеко СЕЕ (рангиран 27-ми, со просечен рејтинг 2.363 поени), кој со 10 бода (23 по табли) заврши на извонредното осмо место или дури 19 места подобро од почетното рангирање. Во 7-то коло тој го совлада англиски Грин Вуд (рангиран 29-ти) со 3,5-2,5. Најдобриот досегашен пласман на Гамбит Асеко СЕЕ беше 19-то место лани во Анталија.

– Овој голем успех се должи пред сѐ на позитивната, другарска атмосфера што владее во клубот, како и на нашата борбеност и бескомпромисен карактер во партиите во сите седум натпреварувачки кола. Беше мошне возбудливо, а во некои дуели се случуваше вистинска драма над шаховските табли. Стојчевски одигра најдобро во нашиот состав со освоени шест од седум можни поени – задоволно констатира членот на Гамбит Асеко СЕЕ, Дејан Динев.

Нов европски првак стана клубот кого само Алкалоид успеа да го победи, а тоа е Медни Всадник од Санкт Петербург, Русија (рангиран 4-ти) со 12 бода (Свидлер, Витјугов, Федосеев, Матлаков, Родштејн, Алексенко, Гоганов), колку што имаше и второпласираниот Нови Бор од Чешка, но со послаб дополнителен критериум, додека бронзениот медал му припадна на Молодежка од Русија со 11 бода.
Кај дамите титулата ја освои екипата на Монако (рангирана втора) со шест победи и едно реми.