Изминаа 24 години од денот кога светот го изгуби еден од најголемите автомобилисти во својата историја. Бразилецот Аиртон Сена (34 години) трагично го загуби животот на трката за Големата награда на Сан Марино, што се возеше на патеката „Енцо и Дино Ферари“ во Имола.

Иако помина толку многу време, сепак свежи се сеќавањата на тој тажен 1 Мај, кога со групата што беше дојдена во Охрид да го одбележи празникот бевме собрани на ручек во тогашниот хотел на „Макотекс“ во Лагадин. Сите брзавме да ручаме порано за на мир да ја проследиме трката во која повторно Сена беше еден од главните фаворити. Но наместо уживање, со посредство на телевизијата бевме сведоци на една од најголемите трагедии што ја погодила Формула 1. Токму тој ден Бразилецот ја изгуби контролата врз својот болид и удри во заштитниот ѕид со огромна брзина.

Подоцнежната истрага утврди дека откажал управувачкиот механизам, но тоа ништо не им значеше на армијата негови обожувачи кои никогаш не се помирија со големата загуба. Многумина и денес знаат да речат дека Формула 1 може да се гледа како спорт до владеењето на Сена, а како нешто сосема поинакво откако тој замина во легендите.

Аиртон Сена да Силва е роден во 1960 година во богато семејство во Сао Паоло, Бразил. Као дете покажувал голем атлетски потенцијал и капацитет, а склоноста кон автомобилизмот ја покажал уште во четвртата година. Со 17 години го освоил картинг шампионатот на Јужна Америка. Во раните 80-ти се сели во Англија каде што ја развива својата професионална кариера. Репутацијата на вешт и бестрашен возач го носи во тимот на Толман со кој дебитира во Формула 1 во 1984 година. Иако е тоа една од послабите екипи, сепак Сена со своето храбро возење, особено по лизгави патеки, го добива прекарот „дождовниот човек“.

Во 1988 година преминува во Мекларен Хонда каде што вози во екипата со Ален Прост. Овој тандем две сезони по ред доминира во првеснтвото, а ривалството меѓу двајцата великани прераснува во едно од најлегендарните во историјата на овој спорт. Во 1994 година Сена преминува во Вилијамс, но веднаш изразува низа забелешки за новите правила во Формула 1 и веќе како да ја предосети судбината:

-Ова ќе биде сезона со многу несреќи, ќе ризикувам да речам дека ќе имаме среќа ако не ни се случи нешто многу сериозно – изјави тогаш Бразилецот.

Третата трка во сезоната беше „Големата награда на Сан Марино“ во Имола. Целиот викенд беше обележан со несреќи. Рубенс Баричело на пробното возење го преврте болидот и удри во оградата. Австриецот Роланд Раценбергер следниот ден загина кога удри во бетонски ѕид. На тој тренинг Сена ја обезбеди пол-позицијата.

Во седмиот круг од трката, Сена излета од патеката на кривината Тамбурело, при брзина од 330 километри на час. Со кочење и со смалување на степенот на пренос, ја спушти брзината до 217 км/ч пред да удри во ѕидот. Иако веднаш беше префрлен со хеликоптер во болницата во Болоња, лекарите само можеа да констатираат смрт.

Аиртон Сена од 162 трки во Формула 1 се искачи 80 пати на подиумот, а победи 41 пат. Три пати беше светски прватк – 1988, 1990 и 1991 година. Беше обожуван ширум светот и остана запаметен како еден од најдобрите возачи што некогаш се појавиле во Формила 1.