Енди Мареј

Со новата технологија ќе се снимаат движењата на тенисерите со помош на тридимензионална техника и ќе се следи оптоварувањето на зглобовите, коските и на мускулите

Англичаните моментно развиваат интересна програма, во која ќе се види каде човечкиот организам ги трпи најголемите напори додека игра тенис, а со самото тоа и како се доаѓа до оштетување на ткивата и на коските. Идните тенисери на тој начин би можеле да бидат поштедени од посериозни повреди, како што се случаите со, на пример, Енди Мареј (колк), Рафаел Надал (колено)…

Но, благодарение на новата технологија што ќе ги снима движењата на тенисерите со помош на тридимензионална техника, работите треба да одат на подобро, бидејќи ќе се следи оптоварувањето на зглобовите, коските и на мускулите. Податоците што ќе се добијат притоа би можеле во голема мера да ги променат начинот на тренирање, движењето на теренот, ударите со рекетот, што, пак, ќе придонесе да се спречат евентуалните повреди.

– Сега можеме да гледаме какви се оптоварувањата на мускулите и на скелетот на тенисерите додека играат, оти нѐ интересираат потенцијалните ризици од повреди. На пример, дали мускулите работат пресилно, дали ударите бараат од организмот премногу сила и слично. А за да го добиеме потребниот резултат, тенисерите ќе почнат да носат специјална облека, на која ќе има 17 сензори, од кои едниот ќе биде вграден и на рекетот, кои ќе му испраќаат податоци на компјутерот. Тие информации ќе ги креира аватар (графичка презентација на корисникот), кој ќе се движи идентично како и тенисерот додека е на теренот. Аватарот во нашата програма се вика Боб и тој целосно го имитира човекот – појаснува д-р Џемс Шипен од Англискиот универзитет во Ковентри.