Ѓорѓиев е убедливо најдобар поентер и смечер, Деспотовски е прв плејмејкер

149

Капитенот Никола Ѓоргиев оствари 217 поени, од тоа 203 со смеч, а Деспотовски има ефект од 65,38 отсто во односот на наместени топки и освоени поени

Одбојкарската репрезентација на Македонија заслужено се пласира на завршниот турнир на Европското првенство (ЕП) што годинава во септември треба да се одржи во четири земји – Холандија, Белгија, Словенија и Франција. Заслуги за долгоочекуваниот успех имаат сите одбојкари, но за издвојување, барем според ефектот и статистичките показатели, се капитенот Никола Ѓорѓиев (настапува за јапонската Осака блејзерс), Александар Љафтов (Пазарџик, Бугарија) и плејмејкерот Филип Деспотовски (Динамо Букурешт, Романија), кој имаше помала минутажа од Ѓорги Ѓорѓиев (Париз волеј, Франција), но сосема успешно си ја заврши работата.

Капитенот на македонската репрезентација, Никола Ѓоргиев, е убедливо најдобриот поентер и смечер меѓу сите репрезентации во квалификациите за пласман на Европското првенство, објави Европската одбојкарска конфедерација (ЦЕВ) на својата интернет-страница. Тој оствари вкупно 217 поени (6,78 по сет), а второпласираниот на оваа листа има 116 поени.

Високо е пласиран и Александар Љафтов, кој со 114 поени (3,56) е на четвртото место. Ѓоргиев е и најдобар смечер со 203 поена (6,34 по сет), речиси 100 повеќе од второпласираниот во оваа статистичка категорија. На четвртото место е Љафтов со 93 поени од смеч (2,91).

Филип Деспотовски е најдобриот плејмејкер во квалификациите за пласман на Европското првенство, со ефект од 65,38 отсто во односот на наместени топки и освоени поени. Втор на оваа листа е Артсјом Харамјакин од Белорусија, со 60 проценти. На оваа листа, Ѓорѓи Ѓорѓиев е на 21-то место, со 39,52 отсто.

Во другите статистички категории, Александар Љафтов е осми на листата блокери, со 14, Ѓорѓи Ѓоргиев е 19-ти со 11 блока, а водечки е Швајцарецот Самуел Ехрат со 21. Во категоријата сервери (остварени ас-поени од сервис), Иван Андонов е 16-ти со девет поени, а првопласираниот Жоел Рос од Швајцарија има 14.


Македонија в среда во Брисел ќе ги дознае ривалите на ЕП

Ждрепката за составот на групите за финалниот турнир на 31. Европско првенство (ЕП) годинава во одбојка е закажана за среда, на 16 јануари во Брисел (Атомиум), Белгија.
На финалниот турнир на ЕП првпат ќе настапат 24 репрезентации, меѓу кои првпат ќе биде и Македонија, распоредени во четири групи со по шест репрезентации. Пласман во следната осминафинална нокаут-фаза ќе обезбедат четирите најдобри репрезентации од секоја од четирите групи.
Завршницата на ЕП ќе се одржи од 12 до 19 септември годинава, во четири земји и во девет града. Во Франција (како домаќин ќе биде во групата А) натпреварите ќе се играат во Монпелје, Нант и во Париз, во Белгија (група Б) во Брисел и во Антверпен, во Словенија (група Д) во Љубљана, а во Холандија (група Ц) мечевите ќе се играат во Амстердам, Ротердам и во Апелдорн.
Финалето и мечот за третото место е предвидено да се играат во Париз, Франција.
На ждрепката во Брисел треба да присуствуваат и претставници на Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ), претседателот Петар Јовановски, односно генералниот секретар Зоран Карановиќ. Л.Д.