Ѓорческа успешно закрепнува, на турнири од април?

112
Фото: Дарко Андоновски

Лани кон средината на декември, најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа (23) го оперира зглобот на левата рака во специјализирана клиника во Минхен, Германија, повреда што ја влечеше подолго време и која ѝ причинуваше многу проблеми. Потоа следуваше едномесечно мирување, со носење гипсена лонгета заради спречување несакани движења.

– Пред неколку недели со Лина бевме на контрола во клиниката во Минхен и тогаш се утврди дека операцијата е успешна, но и дека постои некакво воспаление на зглобот и на раката како резултат на мирувањето и на неактивноста. Поради тоа Лина редовно одеше на масажи кај физиотерапевт во Скопје за да се реши тој проблем. Деновиве ќе треба да се направи снимка, која потоа ќе им ја испратиме на лекарите во Минхен, кои ќе треба да утврдат дали и кога Лина ќе може да почне со тренинзите. Таа добро се чувствува и со нетрпение чека лекарите да ѝ дадат зелено светло за почнување со посериозни тениски тренинзи и за што поскоро враќање на турнирите, се надевам во почетокот од април – вели Владимир Ѓорчески, таткото на Лина, поранешен истакнат одбојкар, еден од најзаслужните за нејзините успеси последниве години.

Проблемите со зглобот на Ѓорческа кулминираа по Отвореното првенство на САД во Њујорк, кон крајот на август во 2017 година. Таму едвај го одигра квалификацискиот меч (загуби од Австралијката Дестини Аиава со 1-2 во сетови), болките беа големи и не можеше да го држи рекетот. Откако се врати дома терапиите и масажите не дадоа плод, не беше утврдено за каква повреда станува збор и што е најдобро да се стори за да се санира. На крајот, по консултации со лекари во Белград, Србија и во Инсбрук, Австрија, беше решено Лина да се оперира во Минхен. Л.Д.