Ѓорческа игра за две титули во Анталија

28
Фото: Дарко Андоновски

Таа е финалистка во двојки, а ќе настапи и во полуфиналето поединечно, викендов на турнир во Анталија

Лина Ѓорческа викендов ќе игра во финалето во конкуренција на двојки и во полуфиналето поединечно на тенискиот турнир на тврда подлога во Анталија (Турција), за награден фонд од 15.000 долари.

Таа вчера одново забележа две победи, како и во четвртокот, и тоа прво во четврт-финалето против Петиа Аршинкова од Бугарија со 6-1 и 6-2, а потоа и во двојки со Хрватката Мариана Дражиќ (први носителки), во дуелот со третите носителки Јоана Гаспар од Романија и Џени Дуерст од Швајцарија со 6-3, 6-4.

Во поединечна конкуренција Ѓорческа е втора носителка на турнирот. За пласман во финалето таа денеска ќе се сретне со осмата носителка Магдалена Пантуцкова од Чешка, со која досега одиграла еден меч и победила (во 2015 година, на турнир во Хрватска, на земја, со 7-6, 6-2).

Со освоените поени од турнирот во Анталија Ѓорческа би требало да го задржи пласманот во поединечна конкуренција (сега е на 406-то место, а со триумф на турнирот може да скокне неколку места), а во двојки да напредне за 5-6 позиции, до 215-то место.

Досега Ѓорческа има девет титули во поединечна конкуренција и 39 во двојки (четири годинава).