Ѓоргиев: По сѐ, игрите и пласманот треба да добијат високи оцени

202

Разочарувањето за пропуштената голема шанса ќе потрае, но како утеха треба да се има предвид фактот дека Македонија дебитира на ЕП, а веројатно ќе го освои 17-то место, како најдобра меѓу селекциите што не се во осминафиналето

Македонија не успеа да се пласира во осминафиналето на Европското првенство (ЕП) во одбојка. Во групата Ц, во Љубљана, црвено-жолтите забележаа две победи, над Белорусија и над Словенија, но го освоија петтото место и предвреме го завршија настапот на ЕП 2019. Малку недостигаше македонските одбојкари да ја поминат првата фаза, и да се најдат меѓу најдобрите 16 селекции. Недостигаа неколку поени, сетови, бод(ови), данокот на неискуството веројатно требаше да се плати на најлош можен начин, со елиминација. Разочарувањето за пропуштената голема шанса ќе потрае, но како утеха треба да се има предвид фактот дека Македонија дебитира на едно вакво елитно натпреварување, и оти треба да се прележат некои детски болести, како што ќе каже капитенот Никола Ѓоргиев.

Сатисфакција, секако, се двата триумфа, во одлични игри, кои треба да станат стандард и норма за понатаму, како и фактот дека најверојатно Македонија ќе биде 17-та, со најмногу бодови меѓу осумте елиминирани репрезентации.
Осцилациите на двата премиерни меча, па и против фаворитот Русија, не беа очекувани, но поуките беа извлечени, се врати позитивната енергија, самодовербата порасна, а одбојкарите како да сфатија дека можат да бидат рамноправни и со најдобрите во Европа. Треба да им се признае и дека пред ЕП во македонската спортска, па и поширока јавност малкумина веруваа во нивните можности и во тоа дека можат да забележат една, две, а камоли три победи.

– Презадоволен сум од нашиот настап на ЕП. Честитки до сите одбојкари, до стручниот штаб, до сите што на кој било начин беа инволвирани во оваа наша авантура, така да ја наречам. Не почнавме најдобро, но потоа се подобривме драстично. Македонија го направи своето, постигна две победи што не е мала работа, едната над домаќинот Словенија, европскиот вицепрвак од 2015 година и над Белорусија. Мислам дека, сепак, сите треба да бидеме задоволни од настапот и по малку да жалиме за пропуштената шанса – вели претседателот на Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ), Петар Јовановски.

Игрите и резултатите на Македонија се движеа од лоши до одлични. Против Финска и Турција можеше и требаше многу подобро. Тремата и неискуството пресудија. Против Русија, актуелниот европски првак, која е повисока лига реално не се можеше, иако бевме пред освојување еден сет. Потоа експлозија, два одлични меча, беше забележана првата историска победа на ЕП, потоа падна и домаќинот.

Меѓу одбојкарите сите заслужуваат високи оцени за сѐ што покажаа. Предничеше капитенот, Никола Ѓоргиев, кој одигра два маестрални меча, потоа Александар Љафтов, Владо Милев, плејмејкерите Филип Деспотовски и Ѓорги Ѓоргиев, блокерите Филип Маџунков и Ристо Николов, либерото Дарко Ангеловски, предводени од селекторот, Никола Матијашевиќ. Преостанатите, Васе Михаилов, Александар Милков, Славе Наков, Иван Андонов, Стојан Илиев и Филип Николовски имаа мала минутажа, но како дел од тимот, исто така, имаат заслуги.

– Измешани ми се чувствата, на радост и на тага. Бевме блиску до пласман во следната фаза, не успеавме. Задоволен сум од мојата игра, како и од начинот на кој одигравме како тим, посебно на последните две средби, против Словенија и претходно против Белорусија. На првите две средби не бевме на посакуваното, очекувано ниво, не ми е јасно зашто испадна така. Како да бевме преимпресионирани од настапот, прв за нас на едно ЕП, немаме искуство од вакви натпреварувања, веројатно и тоа имаше удел. Како и да е, мислам дека кога ќе се смират емоциите и кога ќе изанализираме низ што сѐ поминавме, од квалификациите, преку подготовките, овие наши игри, па и пласман треба да добијат високи оцени – вели капитенот Ѓорѓиев, кој двапати беше прогласен за играч на денот и е четврти поентер и втор меѓу смечерите по групната фаза на ЕП 2019.


Матијашевиќ: Честитки добивме и од многу врвни стручњаци

Жалам што не одиме сите за Франција, туку само јас (Матијашевиќ е тренер во Рен – н.з.) во следната фаза. Такво нешто им посакав на одбојкарите на почетокот од подготовките. А малку недостигаше. Лошо почнавме на турнирот, потоа се вративме, одигравме многу, многу поквалитетно, победивме две силни репрезентации. Честитки за добрите игри добивме и од многу врвни стручњаци, кои беа пријатно изненадени, не очекуваа дека Македонија може да одигра на толку високо ниво, рече селекторот Никола Матијашевиќ во телефонското јавување од Париз, најавувајќи дека ќе следува подетална анализа за дебито на Македонија на ЕП, како и за неговото останување на оваа функција. 


ОСМИНАФИНАЛЕ
Франција – Финска
Италија – Турција
Русија – Грција
Словенија – Бугарија
1Б – 4Д
2Б – 3Д
3Б – 2Д
4Б – 1Д
до вчера во осминафиналето се пласираа и Србија, Белгија, Германија (група Б), Полска, Холандија и Украина (група Д)

[email protected]