Штох е на четири скока до 50-годишен рекорд на новогодишната турнеја

147

Штох победи на претходните две изданија на „Четирите скокалници“, а прв фаворит е лидерот сезонава во Светскиот куп, Јапонецот Кобајаши. Традиционалната новогодишна турнеја во скијачки скокови почнува в сабота

Со саботниот официјален тренинг и со неделниот натпревар на скокалницата во германскиот зимски центар „Оберсдорф“, почнува 67-та новогодишна турнеја во скијачки скокови „Четири скокалници“. Најдобрите светски скијачи потоа ќе се преселат во Гармиш-Партенкирхен на вториот натпревар, на 1 јануари, а следуваат два натпревара во Австрија, во Инсбрук на 4 јануари, и во Бишофсхофен, на 6 јануари 2019 година.

Минатите две години победуваше Полјакот Камил Штох со тоа што лани триумфира на сите четири скокалници, подвиг каков што претходно му успеал само на Германецот Свен Ханавалд, во 2002 година. Годинава најголеми шанси за триумф му се даваат на младиот, 22-годишен Јапонец, Роју Кобајаши, водечкиот во генералниот поредок во Светскиот куп со 556 поени. Сезонава тој победи на четири од седумте натпревари и само еднаш не беше меѓу најдобрите тројца. На втората и на третата позиција се двајца Полјаци, Пјотр Жила со 445 и Штох со 365 бода. Покрај Кобајаши сезонава победуваа уште Русинот Евгениј Климов, Норвежанецот Јохан Андре Форфанг и Германецот Карл Гајгер.

Како единствен минус за Кобајаши се смета недоволното искуство. Лани тој беше на 22-то, а пред две години на 46-то место во СК. Стручњаците потсетуваат и на случајот со Словенецот Домен Превц, од пред две сезони, кога имаше 17,5 години. И тој тогаш победи на четири натпревари на почетокот од сезоната, беше водечки во генералниот пласман и важеше за фаворит за триумф на новогодишната турнеја. Но сѐ падна во вода уште во Оберсдорф кога киксна, беше на 26-то место, и што е уште полошо, оттогаш Домен Превц нема победено во СК.

Оттаму како сериозен кандидат за повторување на успесите од минатите две години се смета Штох, кој доколку победи ќе се израмни со Норвежанецот Бјорн Виркола, кој е единствениот што победувал трипати едноподруго, пред 50 години. Досега само еден Јапонец, Казујоши Фунаки, триумфирал на новогодишната турнеја, во 1998 година. Тогаш Фунаки победи на првите три скокалници, во Оберсдорф, во Гармиш и во Инсбрук, а во Бишофсхофен беше осми, но, сепак, доволно за вкупна победа.


Ахонен ќе остане рекордер уште најмалку две сезони

Финецот Јане Ахонен е рекордер со пет победи на новогодишната турнеја во скијачки скокови, „Четири скокалници“ (1999, 2003, 2005, 2006 и 2008 година). Четири пати триумфирал Германецот Јенс Вајсфлог (1984, 1985, 1991 и 1996 година), а по трипати Германецот Хелмут Рекагел (1957, 1958 и 1961 година) и Норвежанецот Бјорн Виркола (1967, 1968 и 1969 година). Најмногу поединечни победи, по 10, имаат Вајсфлог и Виркола. Германецот Свен Ханавалд беше првиот скијач-скокач што победил на сите четири скокалници во едно исто издание, во 2002-та, а неговиот подвиг лани го повтори Полјакот Камил Штох.


Распоред на новогодишната турнеја

ГЕРМАНИЈА
Оберсдорф, скокалница „Шатенберг“, 30 декември
Гармиш, Олимписка скокалница, 1 јануари
АВСТРИЈА
Инсбрук, скокалница „Бергисел“, 4 јануари
Бишофсхофен, скокалница „Паул Ауслајтнер“, 6 јануари