Чедо Николовски – рекордер по освоените титули државен првак

131

ОД РЕПОРТЕРСКИОТ БЕЛЕЖНИК НА ЗОРАН МИХАЈЛОВ:
СЕРИЈАЛ ЗА ВЕЛИКАНИТЕ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ (134)

Николовски на државните првенства во борење слободен стил во поранешна Југославија, подоцна и во Македонија, освои дури 13 титули. Учесник е на осум светски и на исто толку европски првенства. Во конкуренција на 33 борачи, беше деветти на Олимпијадата во Сеул во 1988 година

Има спортисти што оставиле силен печат во нашиот спорт, но, за жал, за нив малку знаеме. Причина за тоа е можеби што се занимаваат со спорт, кој не е толку популарен кај пошироката спортска публика или, пак, резултатите ги постигнувале во трофеен спорт во кој, сепак, биле во сенка на оние најекспонираните и најголемите асови. Таков е случајот и со поранешниот југословенски боречки репрезентативец Чедо Николовски. Неговата кариера се одвиваше во еден подолг период од крајот на 70-тите до средината на 90-тите години од минатиот век, во време кога на нашата боречка сцена неприкосновени беа Шабан Сејдиу, Шабан Трстена и Зоран Шоров, кои освојуваа медали или имаа високи пласмани (Киро Ристов) на најголемите светски боречки приредби. Токму поради тоа, иако имаше многу меѓународни настапи и победи на домашната сцена, со вкупно 13 освоени титули државен првак на Југославија, а по распадот и на Македонија (тука некаде беше и струмичанецот Сократ Ефтимовски), Николовски некако беше во сенка на гореспоменатите.

– Ги почитувам моите колеги, секоја чест за нив. Јас учествував на СП, ЕП и на ЛОИ, имав високи пласмани, но не стигнав до медал, а познато е дека во спортот се слават најмногу оние што успеале да се искачат на највисоките скалила. Јас бев блиску до нив, имав и неколку шанси, но не успеав да освојам медал на најголемите светски приредби – вели Николовски.


Лична карта

Роден: во 1961 година во Крива Паланка
Кариера: БК Вардар, БК Бучим – Јака, репрезентација на Југославија и на Македонија, како функционер девет години претседател на Федерацијата за боречки спортови на Македонија, организатор на едно Европско младинско првенство во Скопје
Успеси: 13 титули првак на Југославија и на Македонија, екипна титула со Бучим – Јака, петто место на Европското младинско првенство во Турција во 1980 година, 16 настапи на ЕП и на СП со освоени 6, 7 и 8 места на СП, 9-ти на Олимпијадата во Сеул во 1988 година, многу пиедестали и победи на „Македонскиот бисер„ и на други меѓународни турнири


СЕКОГАШ НА ПИЕДЕСТАЛОТ НА „МАКЕДОНСКИОТ БИСЕР“

Во минатото, квалитетот на нашите борачи го вреднувавме според пласманот на најголемата наша приредба „Македонски бисер“, која беше една од најквалитетните дури и во светски размери. А токму на тој „бисер“, откако почна да настапува Николовски (уште од времето кога бисерот го носеше старото име „Струшки бисер“) секогаш се искачуваше на пиедесталот. Во првите години, кога беше млад и го немаше потребното искуство се пласира на третата, некогаш и на втората позиција, за подоцна неколкупати да победува во својата категорија. Таквите пласмани му овозможија да се најде и во составот на југословенската репрезентација со што му беше отворена вратата за настап на големата сцена.

– На првото мое учество на Европското младинско првенство во Турција во 1980 година медалот ми побегна од раце. Против претставникот од Германија во борба што решаваше за тоа кој ќе освои медал водев на поени, но не знам од кои причини набрзина добив јавни опомени и на изненадување на сите бев дисквалификуван. Тогаш видов дека нема правда и оти „големите“ секогаш се заштитени од судиите – раскажува Николовски.

СЕДМИ НА СП ВО СКОПЈЕ

Николовски претходната година не беше во составот што настапи на Медитеранските игри во Сплит, но затоа, пак, по добрите борби на ЕП во Турција, се најде во југословенската репрезентација, која настапи на Светското сениорско првенство во Скопје во 1981 година.

– Долго време се подготвувавме за овој настап. Неколку месеци не ја напуштавме нашата база во Сарај, тогаш на шега дури велевме оти заборавивме каде се нашите домови, зашто, всушност, Сарај беше нашето живеалиште. Тука со денови и денови трениравме, патувавме на некои турнири и потоа повторно се враќавме во Сарај, за да продолжиме со подготовките за Светското првенство. Инаку, на шампионатот што се одржуваше во првата хала од Скопското сајмиште, кое веќе го нема, во почетокот имав две победи. Се охрабрив и очекував и понатаму да редам победи, но кога беше најпотребно погледите на целиот стручен штаб (оправдано) беа свртени кон нашите најголеми адути, Шабан Сејдиу и Киро Ристов. Тие имаа настапи речиси во исто време со мене, па, така, јас во решавачкиот дуел за пат кон завршните борби за медал бев осамен и – поразен од првакот на Полска. Поразот значеше елиминација, но на крајот, сепак, бев задоволен со седмото место. Овој резултат беше увертира во оние што дојдоа подоцна на светските првенства на кои неколкупати бев меѓу првите десетмина. Така, на СП во Будимпешта во 1985 година бев шести, а на СП во Мартини четири година подоцна осми – вели Николовски.

Инаку на европските првенства Николовски двапати беше седми.
– Бев и првиот Македонец што се борел на ЕП и во грчко-римски стил. Тоа се случи во 1992 година во Турција, а веднаш потоа настапив и во слободен стил – вели Чедо.

РАНГЕЛОВ МЕ ВРАТИ НА ДУШЕКОТ

Првиот тренер на Чедо Николовски, за кој може да се каже дека е вистинска легенда во боречкиот спорт, Бојан Рангелов, во моментите на колебање го врати Николовски на душекот.
– Тоа беше времето по Олимпијадата во Лос Анџелес на која Трстена беше прв, Сејдиу трет, а Шоров шести. Се радував на нивниот успех, зашто и јас припаѓав на спортот што ѝ донесе голема афирмација на Македонија, но бев тажен што бев изоставен од олимпискиот состав. Мислам дека имаше место за мене, особено што на големите манифестации во мојата категорија до 82 килограми, за која се велеше дека е европска, често се случуваше меѓу првите десетмина на СП и ЛОИ дури седум до осум борачи да бидат од Европа. Затоа, ако на ЕП бев седми или осми, со малку среќа и добра ждрепка, на Олимпијадата можев да бидам високо пласиран. Но, за жал, иако се подготвував не отпатував во Америка. Тоа за мене беше големо разочарување, па затоа решив повеќе да не се борам. Меѓутоа, мојот прв тренер, кон кого и денес гледам со пиетет и голем респект, Бојан Рангелов ме убеди дека тоа не е добро и оти треба да продолжам со тренинзите. Го послушав и не го напуштив борењето. Напротив, решив максимално да му се посветам и да ја чекам следната олимпијада – вели Николовски.
Потоа, Николовски беше редовен учесник на СП и на ЕП, па така до крајот на кариерата нанижа дури 16 настапи и тоа еднакво – осум на едната и осум на другата приредба. Токму тоа стандардизирање на формата преку учествата на овие манифестации му ја отвори и вратата кон Олимпијадата во Сеул во 1988 година.

ДЕВЕТТИ НА НАЈГОЛЕМИОТ СВЕТСКИ СОБИР

На Олимпијадата во Сеул имавме една силна екипа во која беа Трстена, Сејдиу, Шоров и Николовски. Од оваа четворка повторно најуспешен беше Трстена, кој на златото од Лос Анџелес, овде, иако се бореше повреден, го придодаде и сребрениот медал.
– Јас во конкуренција на 33 борачи го освоив деветтото место што претставуваше убав успех. На Олимпијадата имав еден фуриозен почеток, со три победи на стартот над шампионите на Сенегал, Египет и на Тајпеј. Потоа дојдоа поразот и елиминацијата од подоцнежниот олимписки победник Кореецот Хан. Интересно е дека од сите негови противници само јас успеав да му освојам еден поен. Сето тоа покажуваше колку тој беше силен, како што впрочем беа силни сите негови сонародници, кои беа најпријатното изненадување што се однесува до борењето во слободен стил на Олимпијадата – вели Николовски.

На Николовски овој собир, покрај добриот пласман, ќе му остане во сеќавање и по тоа што за време Олимпијадата му се роди син.
– Веста ми ја соопшти докторот на репрезентацијата Милош Вучидолов. Тоа беше прекрасен миг за мене, кој го прославив со колегите од боречката репрезентација, но и со многуте великани на југословенскиот спорт меѓу кои беа Љубек, Раџа, Кукоч, боксерот Шкаро, потоа ракометарите, ватерполистите, Стојна Вангеловска, која беше капитенка на женската кошаркарска репрезентација, атлетичарот Исмаил Мачев, кој со штафетата 4×400 метри беше петти на Олимпијадата и со многу други спортисти – вели тој.

Потоа, кариерата на Николовски беше посветена главно на клупските настапи во Вардар. Но мора да се истакне дека тој беше и дел од екипата на Бучим Јака, која стана екипен шампион на Македонија во 1995 година. Тој резултат беше виза за настап во Купот на европските шампиони, во кој радовишани по финалниот триумф над турскиот Тофаш станаа европски прваци. Николовски настапи во многу значајниот елиминациски меч со Ујпешт Дожа од Будимпешта, преку кој практично се стигна во финалето.
Потоа, еден период Николовски беше тренер, стана и меѓународен судија со лиценца од втора категорија. Тој можеше да напредува уште повеќе на судиската сцена, но стана претседател на Федерацијата на боречките спортови на Македонија и тоа го оддалечи од судењето. Инаку на претседателската функција се задржа околу девет години.