Центар го изненади Карпош

103

Шахистите на актуелниот првак на Македонија и европски вицепрвак Алкалоид, ја остварија и шестата последователна победа на 27-то Екипно првенство на Македонија во Струга, овој пат над Прилеп со 5,5-0,5 и сигурно итаат кон освојување на уште една титула во богатата трофејна историја. Единственото реми беше видено на првата табла помеѓу српскиот ВМ Мирослав Миљковиќ (2.478) и прворангираниот тука, украинскиот ВМ Дмитри Јаковенко (2.748).

Победа со ист резултат впиша и второпласираниот Гамбит Aсеко СЕЕ против аутсајдерот 4 Ноември, а единственото реми беше видено во партијата помеѓу ветеранот, ИМ Димитар Илиевски (2.310) и Блаже Атанасовски. Неочекувано висока победа забележа Гостивар, кој со 5-1 ја совлада БМ Кисела Вода, а единствениот поен скопјани го освоија благодарејќи на ремијата на ВМ Роландо Кутиров (2.323) против ИМ од Косово, Ндерим Сарачи (2.412) и ФМ Зоран Илиќ (2.295) против ФМ Душко Стефаноски (2.279).

Втора екипна победа на турнирот остварија и младите шахисти на Центар, кои со 4,5-1,5 славеа над Карпош, благодарејќи на победите на Андреј Велјаноски (1.906) против ФМ Љубомир Хаџи-Манев (1.998), Ристе Јовчев (1.711), против ФМ Димитар Качаковски (2.083) и Ивана Манова (1.809) против Виктор Раниќ (1.865). За одбележување е и најдолгата партија на колото, која се одигра помеѓу деветгодишниот Андреј Калин (Центар) и Слободан Цветковски (Карпош), која на крајот сепак заврши со реми во 91-от потег.

На табелата во пресрет на вчерашното последно коло и понатаму е прв Алкалоид со 11 бода, еден повеќе од Гамбит Асеко СЕЕ, а три од Гостивар.