Хиршер се израмни со легендите Стенмарк и Зајлер

112
Марсел Хиршер

Австриецот е третиот скијач со хет-трик светски титули во слалом (како Стенмарк) и има седум злата од СП (како Зајлер)

Австриецот Марсел Хиршер (29) го освои златниот медал во слалом на Светското првенство (СП) во Оре, Шведска. За него тоа беше трет златен медал во оваа дисциплина, по СП 2013 и 2017-та, но и прв златен за Австрија на овој шампионат. Успехот го дополнија неговите сонародници Марио Мат и Марко Шварц со освојувањето на сребрениот и на бронзениот медал со што го повторија подвигот на Австријките од 2001-та кога ги освоија трите медали во спуст.

Хиршер е третиот скијач што победува на две СП едноподруго во слалом, по Швеѓанецот Ингемар Стенмарк, во 1978 и 1982 и Швајцарецот Рудолф Ромингер, во 1938 и 1939 година. Хиршер освои седум златни медали на СП (три со слалом, по еден во велеслалом и во комбинација и два екипно), со што се израмни со рекордерот, сонародникот Тони Зајлер, кој златните медали ги освои на СП 1956 во Кортина Д’Ампецо и во 1958-та во Бад Гштајн, но сите негови беа во индивидуална конкуренција (слалом, велеслалом, спуст и комбинација).

Актуелниот светски првак сега има вкупно 11 медали од СП (седум злата и четири сребра), колку што има и Марк Џирардели од Луксембург (четири злата, четири сребра и три бронзи) само еден помалку од рекордните 12 на Норвежанецот Кјетил Андре Омот (пет злата, четири сребра и три бронзи).

Хиршер е еден од најпопуларните спортисти во Австрија, а францускиот Л’екип лани го нарече шампион на шампионите и го смести во рангот на Рафаел Надал, Роже Федерер, Новак Ѓоковиќ, Луис Хамилтон, Усеин Болт и Лионел Меси. Често е споредуван и со легендарниот Стенмарк, рекордерот според бројот на победи во Светскиот куп, 86 (Хиршер има 68).