Хамилтон со пет титули од Формула 1, како и Фанџо

69

Хамилтон има вкупно 71 победа, 20 помалку од Шумахер (рекордер е со седум титули) и доколку продолжи во ист стил во следните години, може да го достигне, па и да го престигне според бројот на победите и титулите

Британецот Луис Хамилтон (33), возачот на Мерцедес, на две трки (од вкупно 21) до крајот на шампионатот во Формула 1 (Ф1), ја обезбеди петтата титула светски првак (2008, 2014, 2015, 2017 и 2018-та). Со тоа тој се израмни со легендарниот Аргентинец Хуан Мануел Фанџо, кој во 50-тите години од минатиот век освои пет титули (1951, 1954, 1955, 1956 и 1957 година). Поуспешен од нив е само Германецот Михаел Шумахер, со седум триумфи (1994, 1995, 2000, 2001, 2002, 2003 и 2004-та).
Хамилтон возеше речиси идеално сезонава, забележа девет победи и имаше исто толку пол-позиции, речиси двојно повеќе од Германецот Себастијан Фетел од Ферари (пет победи и пет пол позиции) и собра 358 поени, 64 повеќе од него.
– Чувството е прекрасно, како поради освоената титула така и поради тоа што иако честопати немав најбрз болид, сепак постигнав најмногу победи и пол-позиции, повеќе отколку што очекував – изјави Хамилтон по трката во Мексико сити, каде што ја завери новата титула.

Хамилтон има вкупно 71 победа во Ф1, 20 помалку од Шумахер, и доколку продолжи во ист стил и во следните години (со десетина победи по сезона) ќе го достигне, па и ќе го престигне според бројот на победите и титулите.
По трката во Мексико, Хамилтон им изрази посебна почит, па и благодарност токму на Шумахер и на Фанџо.

– Михаел сѐ уште е далеку пред мене според бројот на победи и затоа е најголемиот на сите времиња. Фанџо е „кумот“ од возачка перспектива и засекогаш ќе биде тоа. Тоа што тој го постигна во тие времиња кога трките беа многу поопасни е за секој респект. За мене е голема чест и горд сум што моето име е веднаш до неговото кога станува збор за титулите. И да престанам да возам денеска, моето име ќе биде до неговото – изјави Хамилтон.

И покрај тоа што ги делат децении, Фанџо и Хамилтон имаат заеднички нешта. Двајцата потекнуваат од работничка класа, надвор од Ф1 и од светот на елегантните автомобили и луксузот.

Хамилтон е првиот и единствен црн возач во Ф1. Тој доаѓа од светот на картингот во Велика Британија, каде што неговиот татко работел на три работни места за да му даде поддршка. Фанџо е син на италијански имигранти што се преселиле во Јужна Америка. Тој имал 11 години кога почнал да работи како механичар, а подоцна отворил и сопствена гаража/работилница.

Вештините на Хамилтон во картинг им фатиле око на скаутите што барале Ф1-таленти. Фанџо бил по потрага по тркачки возбудувања насекаде каде што можел, возејќи по јужноамериканските правливи патишта, понекогаш и по планински терени на трки долги илјадници километри, кои траеле со денови и на кои возачите сами ги вршеле поправките.

Хамилтон дебитира во Ф1 на 22 години и за само еден поен не стана првак. Фанџо не се тркал во Европа, сѐ до 38-та година, кога и се приклучи на Ф1 во првата сезона, во 1950 година. Првата титула ја освоил во 1951 година, а потоа уште четири, од 1954 до 1957-та, кои следувале откако во 1952 година тешко го повреди вратот.
Хамилтон е свесен за големата опасност на трките во времето на Фанџо, кога возачите немале ништо слично на заштитниот кокпит како денешните болиди. Хамилтон во една пригода изјави дека извозел неколку круга со автомобили од ерата на Фанџо и оти е импресиониран од големата храброст што била потребна за да се стисне на педалот за гас. Возачите тогаш носеле плутани шлемови со отворено лице, облека со кратки ракави и ракавици. Огноотпорните костуми воопшто не се сфаќале сериозно.

Фанџо ги освојуваше титулите со болидите на Алфа Ромео, Ферари и Масерати, а двапати и со Мерцедес. Добар момент за да се обезбеди и да се вози вистинскиот, конкурентен автомобил. Тоа е нешто што го спојува со Хамилтон. Хамилтон првата титула ја освои со Мекларен во 2008 година, а потоа од 2013-та се префрли во Мерцедес, една година пред воведувањето на хибридниот В6-мотор во Ф1, кога започна доминацијата на Мерцедес.