Фрум „страда“ на Тенерифе за да победи на Тур де Франс

55

Фрум и тимот на Скај одат во Тејде (3.719 метри) на подготовки девет години. Таму има само еден мал хотел, црна лава, црвена карпа и песок, но, на некој начин, тоа е совршено место за подготовки на врвните велосипедисти

„Првото нешто што го гледате кога авионот се спушта кон Тенерифе, по долгиот лет над Атлантикот, се густите облаци, кои го кријат островот што ѕирка под нив. Повеќето луѓе тука доаѓаат за пролетното сонце, за евтиното пиво и за уживањето на топлото крајбрежје“. Така започнува репортажата на Би-би-си од Тенерифе, посветена на еден од најдобрите светски велосипедисти, Крис Фрум (34), четирикратниот победник на Тур де Франс.
Многумина немаат поим дека во околината е најдобриот во генерацијата, придружуван од тимските колеги, велосипедисти, кој секојдневно вози кон древниот вулкан Тејде, во националниот парк со исто име (на височина од 3.718 м), подготвувајќи се за искушенијата што летово му претстојат на Тур, каде што ќе атакува на петтата титула.
Кога ќе се сретнете со Фрум, тој, како и секогаш, е љубезен и умерен. Потоа го гледате како тренира на брутално стрмните патишта кон Тејде, пробивајќи се низ облаците до 2.300 м, и го слушате како зборува за болките што рутински очекува да поминат.

– Крис е животно, ѕвер. Тој е ментално супер, суперсилен. Тој е нормална личност сѐ додека не седне на велосипедот, потоа е само тркач и сака само да победи – објаснува спортскиот директор на Скај, Нико Портал.
Фрум и тимот на Скај одат во Тејде девет години. Она што започна како суштински дел од планот за трансформирање на Бредли Вигинс во прв Англичанец победник на Тур, во 2012 година – големи искачувања, спиење на надморска височина, стабилни временски услови – стана ритуал за оние што го следеа.
– Кога првпат почнав да доаѓам тука, се чувствував како да сме на Месечината. Се прашував што ќе правиме две недели. Доста е пусто, тука е само хотелот. Но тоа е совршено. Ние сме на велосипедите речиси цел ден, а кога ќе се вратиме во хотелот, во вечерните часови нема ништо. Само мир и тишина, масажа, јадење, спиење. Го правите токму она што е потребно за да бидете подготвени за јули. Тоа значи дека мора да трпите болка, но тоа е она што треба да го сторите. Ние сме велосипедисти. Нема да бидете подобри ако само се развозувате наоколу и пиете кафиња секој ден. Морате да излезете таму и да страдате, да си нанесувате болки – вели Фрум.
Фрум победи на три од минатите четири грантур-трки. Ако победи летово на Тур, тој ќе ѝ се приклучи на елитната група велосипедисти што петпати победувале. Тоа се Французите Жак Анкетил и Бернар Ино, Белгиецот Еди Меркс и Шпанецот Мугел Индураин.

„Страдањето“ на Фрум на Тејде пролетва 2019-та потсетува на поетската мисла на големиот боксерски великан Мухамед Али: „Борбата е добиена или загубена далеку од сведоците, таму некаде на патот, долго пред да танцувам под светлата на рингот“.
Ова е местото каде што започнува враќањето. Нема петта жолта маичка без Тејде. Скај наскоро ќе мине низ своја метаморфоза, кога ќе се преименува во Инеос, но истиот пејзаж ќе го обележи успехот или неуспехот.

Во хотелското лоби чудна комбинација, на едната страна се туристите и рекреативците, кои се освежуваат со ладно пиво и со сладоледи на терасата од ресторанот; а на другата се витите слаби луѓе, со тенки нозе со испакнати вени и широко отворени очи, како и скапите велосипеди, кои чинат над 10.000 евра.
„Парадор“ не е голем и е со само две ѕвезди. Повеќето велосипедисти ги делат собите. Но уникатната локација во текот на изминатата деценија од осамен, по малку запустен објект, го трансформира во неизбежен објект за врвните велосипедисти.
– Двете најзастапени работи тука се лавата и професионалните велосипедисти. Ако не резервираме неколку години однапред, или ги смениме датумите кога сакаме да престојуваме тука, едноставно не ќе можеме да влеземе во хотелот, бидејќи е преполн со ривалските тимови – вели Тим Керисон, еден од тренерите на Фрум.

Скај е сместен во апартманот на менаџерот на хотелот. Тие имаат привилегија сами да си ја приготвуваат храната и да имаат доволно место за состаноци меѓу возачите и персоналот. Но сето тоа воопшто не е гламурозно. Има само една маса и шест стола, фрижидер со безалкохолни пијалаци без шеќер, кутии со енергетски гелови и мусли.
– Таквата интимност е потребна, бидејќи велосипедистите мора да научат повеќе едни за други, да изградат поблиски врски, кои ќе им помогнат во решавачките денови на етапните трки преку Алпите и Пиринеите – истакнува Керисон.