Фрум за Тур тренира во Ј. Африка, другите на Канарските Острови

20

Фрум, кој настапува под британско знаме, е роден во Кенија, се школувал во Јоханесбург, каде што често се враќа да тренира, во „базата“ во Гаутенг. Неговите колеги-велосипедисти надвор од сезоната најчесто тренираат на Канарските или Балеарските Острови, но Фрум претпочита својата километража да ја помине околу најиндустрискиот град во Африка

Британецот Крис Фрум, кој се обидува петти пат да триумфира на велосипедската трка Тур де Франс, иако можеше да избира каде ќе се подготвува за трката, тоа, како и минатите години, го стори во околината на најнаселениот град во Јужна Африка, Јоханесбург. Бегајќи од фокусот на вниманието во Европа, Фрум постојано се враќа во провинцијата Гаутенг, најмалата, но и најурбанизирана во Јужна Африка, со над 14 милиони жители и со главен град Јоханесбург (4,5 милиони).
Можеби тоа е тајната на големите успеси и триумфи на Фрум последниве години. Но за понеупатените треба да се појасни дека Фрум, кој настапува под британско знаме, всушност е Африканец. Роден е во Кенија, се школувал во Јоханесбург, каде што често се враќа да тренира, во „базата“ во Гаутенг, каде што тренираат и други велосипедисти. Неговите колеги-велосипедисти професионалци, надвор од сезоната, најчесто тренираат на Канарските или Балеарските Острови, но Фрум претпочита својата километража да ја помине околу најиндустрискиот град во Африка.

Покрај изобилството сонце, другата привлечна работа за него е надморската височина во Гаутенг. Фрум (33) првите 14 години од својот живот ги поминал во Најроби, Кенија, на 1.795 метри надморска височина, слично како и во Јоханесбург. Тренинзите во такви услови секако се понапорни, но се одлична подготовка за тешките ридски етапи на Тур, често на височина и над 2.000 метри на Алпите. Поголемиот дел од неговите колеги за тренирање претпочита скриени, споредни патишта со малку сообраќај, но Фрум се полни со енергија враќајќи се во својот африкански дом и град секоја година. Од Јоханесбург не можеше да го оттргне ниту тешкиот пад кон средината на јануари, за време на тренингот од 201 км.
За време на тренинзите во јануари годинава Фрум направил една интересна снимка, насловена „празнење на резервоарот“, со апликацијата Страва, на која се забележува колку екстремно и напорно може да биде еднодневно возење низ Гаутенг. Од својот дом во Паркхартс, тој тргнал во 6.30 часот и за седум часа, правејќи неколку мали паузи, извозел неверојатни 271 км, искачувајќи 3.485 метри, со просечна брзина од 45 км/час. Ова фанатично возење било дел од вкупно извозените 4.500 километри во јануари.

Повеќето шампиони на Тур де Франс, на Џиро или на Вуелта потекнуваат и живеат во Европа, но Фрум патот го водеше од Најроби, преку Јоханесбург, до Монте Карло, каде што престојува во екот на сезоната. Фрум секоја година се враќа во Гаутенг. Тој ги почитува придобивките од Јоханесбург, надморската височина и убавата клима, која е неспоредлива со онаа на Алпите, каде што постои ризик од хипотермија или, пак, снег во декември или во јануари. Самопрокламираниот „велосипедист по убаво време“ Фрум не сака тренинзи на смрзнувачко ниски температури, облечен со слоевита облека за брзо возење, што е реалност речиси за сите негови ривали и клупски колеги од тимот Скај, кои остануваат во Европа кога е лето во Јужна Африка.
Фрум е полиглот, одлично зборува англиски, француски, италијански и свахили, а престојот и тренинзите во Јужна Африка му користат и за вежбање на африканскиот јазик, кој во таа земја го говорат над шест милиони луѓе, а чии корени се од холандскиот јазик, од 17 век.