Формула 1 се враќа во Холандија по 35 години

103

Трката за Големата награда (ГН) на Холандија ќе се врати во календарот на Формула 1 (Ф1) во 2020 година, првпат по 35- годишна пауза. Трката на патеката во Зандворт, која се наоѓа во близината на Амстердам, би требало да се вози на 10 мај следната година. Зандворт ќе биде втора нова трка во Ф1-календарот за 2020-та, покрај таа во Ханој, Виетнам.

Првата трка за ГН на Холандија беше возена во 1952 година. Таа се одржуваше без прекин од 1973 до 1985 г., по што беше исфрлена од Ф1-календарот.
Шефовите на Ф1 се надеваат дека поради сѐ поголемата популарност на Холанѓанецот Макс Верстапен ќе бидат распродадени сите билети за таа трка.

Доколку сите годинашни трки останат во Ф1-календарот, тоа ќе значи дека во следната сезона би можело да има рекордни 23 трки, што не им е по волја на тимовите. Но останува да се види што ќе биде со петте трки и земји на кои им истекуваат договорите на крајот од оваа сезона, Велика Британија, Германија, Италија, Мексико и Шпанија. Според некои анонимни извори од Ф1, можно е две, па и три од тие пет трки да бидат исфрлени. Италијанците неодамна соопштија дека во принцип се договориле трката во Монца да се вози до 2024-та.