ФИНА дозволи пливачите да се натпреваруваат на независни митинзи

74

ФИНА е под зголемен притисок од пливачите, меѓу кои и олимпискиот и светски шампион Адам Пети, кои бараат поголем финансиски дел од приходите што ги создава пливањето

Светската пливачка федерација (ФИНА) им дозволи на пливачите да учествуваат на независни натпревари во обид да го решат финансискиот спор, но ФИНА рече дека резултатите од тие настани ќе треба да добијат одобрување од ФИНА за тие да се сметаат за официјални. ФИНА е под зголемен притисок од пливачите, меѓу кои и олимпискиот и светски шампион Адам Пети, кои бараат поголем финансиски дел од приходите што ги создава пливањето, објави „Ројтерс“

– ФИНА објавува дека пливачите се слободни да учествуваат во натпреварите или настаните организирани од независни организатори, кои не се ниту членови на ФИНА ниту се поврзани со неа на кој било начин. Секој независен организатор што има намера резултатите да бидат признаени, ќе треба да соработува со ФИНА или ќе побара одобрение од некоја релевантна федерација-членка – се вели во соопштението на ФИНА.

Тројната олимписка првенка Катинка Хосу од Унгарија и американските светски шампиони Том Шилдс и Мајкл Андрју поднесоа тужба во САД минатиот месец, предизвикувајќи го, како што тврдат, монополот што ФИНА го има врз меѓународни натпревари, пишува „Ројтерс“. Тужбата се појави откако митингот во организација на приватната Пливачка лига (ПЛ), водена од украинскиот бизнисмен Константин Григоришин, беше откажан минатиот месец, откако беше оценет како „неодобрен“ од Италијанската пливачка федерација.

ФИНА вели дека постојано ја зголемува паричната награда за спортистите на своите настани.

– ФИНА го признава правото на спортистите да учествуваат на каков било настан. Сепак, треба да се почитува рамката на спортската структура. Работа на ФИНА не е да ги казни спортистите, иако ако правилата на ФИНА не се исполнети, резултатите од натпреварите нема да бидат признаени од ФИНА – рече правниот советник на ФИНА, Франсоа Карард.