Ферари почнаа да разгледуваат „поинакви“ концепти

54

Ферари почнале да разгледуваат „нови концепти“ за промени на болидот за 2019 година, признава шефот на тимот Матија Биното пред Монако ГП овој викенд.

По катастрофалниот старт на сезоната во кој Мерцедес стигна до пет 1-2 победи во низа, а Ферари се мачеше со комплексниот СФ90 болид, веќе беше најавено дека е можно Скудерија да се реши за радикален редизајн на болидот. Биното вели дека на тестирањето во Барселона се покажало колку голем проблем имаат со температурата на гумите на Пирели.

-Резултатите од минатата недела во Барселона и анализата во Маранело потврдија колку гумите се различни од минатата сезона и колку е потребен поинаков механички и аеродинамички сет-ап. Во Маранело работиме на новите концепти и донесовме подобрувања за трката во Монако- вели Биното.

Шефот на Ферари исто така му оддаде почит на Ники Лауда, кој две од своите три титули освои со Ферари, откако Австриецот почина оваа недела на 70 години.

-Подготовките за оваа трка во Монако беа нарушени со тагата околу смртта на Ники. Неговиот приод кон спортот ќе ни недостасува на сите. Тој беше лидер на Ферари и на Формула 1 придонесувајќи кон промените кои го направија овој спорт попрофесионален- додаде Биното.