Федерер и Ѓоковиќ атакуваат на рекорд во Мелбурн

246

Тие ќе имаат шанса да влезат во историјата на овој турнир доколку еден од нив го освои трофејот, што ќе биде рекорден седми пат на првиот годинашен гранслем-турнир, што почнува в понеделник

Швајцарецот Роже Федерер (37) и Србинот Новак Ѓоковиќ (31) се рекордери на тенискиот гранслем-турнир Австралија опен во Мелбурн, со по шест титули и еден може да влезе во историјата на овој турнир ако седми пат триумфира на првиот годинашен гранслем-турнир што почнува в понеделник.

На овие двајца тенисери им се даваат најголеми шанси за триумф, а како најсериозен конкурент се смета 21-годишниот Германец Александар Зверев. Но постојат прашалници во однос на подготвеноста на Шпанецот Рафаел Надал (32) и на Британецот Енди Мареј (31), што остава дилеми дали преостанатите двајца члена од т.н. голема четворка се способни за поголеми дострели.

Пред една година Федерер го победи Хрватот Марин Чилиќ во финалето, во пет сета и го освои 20-от гранслем-трофеј во кариерата. За него тоа беше шести триумф во Мелбурн колку што имаат Ѓоковиќ и Австралиецот Рој Емерсон, чии победи беа пред тениската опен ера пред педесетина години. За разлика од Федерер, Ѓоковиќ лани многу рано беше елиминиран. Но откако ја освои четвртата титула на Вимблдон лани во јули, Ѓоковиќ продолжи со одличните игри (загуби само три меча потоа) и се врати на првото место на листата на АТП. Во септември Ѓоковиќ третпат победи во Њујорк и го освои 14-от гранслем-трофеј и сега има три помалку од Надал и шест од Федерер.
Надал се повлече од турнирот во Бризбејн неодамна поради проблеми со мускулот, но потоа настапи на егзибициските натпревари во Сиднеј и инсистира дека е здрав. Мареј е далеку под своите најдобри игри и во вториот круг во Бризбејн загуби од Даниел Медведев.

– Мислам дека доколку четворицата сме здрави и добро играме, имаме големи шанси за триумф во Мелбурн – изјави Ѓоковиќ.

Но Ѓоковиќ предупредува и дека следната генерација млади тенисери како Зверев, Борна Чориќ од Хрватска, Карен Хачанов од Русија или Гркот Стефано Циципас се најголемите закани за големата четворка, која победи на неверојатни 49 од последните 56 гранслем-турнири, од 2004 година досега.

– Прашање на време е кога некого од нив ќе видиме на завршните натпревари на гранслем-турнирите – вели Ѓоковиќ.

Зверев ќе почне на Австралија опен полн со самодоверба по импресивните настапи во мешаните тимови на Хопман-купот во Перт, но треба да се знае дека тој има лоши резултати во Мелбурн каде што ниту еднаш не го поминал третиот круг. Федерер добро игра во почетокот од годинава и веќе победи на Хопман-купот. Тој ќе атакува на третата последователна победа во Мелбурн.

– Пит Сампрас еднаш рече: „Ако победиш на гранслем-турнир, тоа е добра сезона“. Одлично играв лани во Австралија, па очигледно нестрплив сум да се вратам повторно таму. Многу сум горд што на 37 години уште сум толку конкурентен – вели Федерер, трет на АТП-листата, кој лани го пропушти Ролан Гарос и имаше разочарувачки настапи на Вимблдон и во Њујорк.

Операцијата на бутниот мускул за Мареј значеше редуцирање на настапите лани на само шест. Нешто слично му се случуваше и на Надал поради што беше принуден да ги пропушти турнирите во Мелбурн и во Њујорк. Но и покрај тоа, Надал, кралот на земјените терени, победи на пет турнири лани, меѓу кои беше и 11-от трофеј на Ролан Гарос.


За победниците по 2,5 милиони евра

Вкупниот награден фонд на првиот годинашен тениски гранслем-турнир, Австралија опен во Мелбурн, ќе изнесува 62,5 австралиски долари (околу 39,1 милиони евра), што е зголемување за 14 отсто во споредба со лани. Победниците во машка и во женска конкуренција ќе добијат по 4,1 милиони долари (2,56 милиони евра), финалистите двојно помалку, по 2,05 милиони, а полуфиналистите по 658.700 долари (412.030 евра).
Тенисерите што ќе бидат елиминирани во првиот круг ќе заработат по 75.000 долари, за 625 долари помалку од лани. Од 2001 година вкупниот награден фонд во Мелбурн се зголемил за 351 отсто или за 48,6 милиони, од 13,9 на 62,5 милиони долари.
Американскиот опен-турнир во Њујорк и понатаму е со најголем награден фонд од четирите најголеми турнири и изнесува 53 милиони американски долари (46,3 милиони евра). Минатогодишните победници на тој турнир, Новак Ѓоковиќ и Наоми Осака, добија по 3,8 милиони долари.
Наградниот фонд на Ролан Гарос во 2018-та изнесуваше 39,2 милиони евра, а на Вимблдон 34 милиони фунти (37,7 милиони евра).