Фаворитите не ја оправдуваат улогата

140
Фото: Игор Бансколиев

Од првите 10 пред ЕП во Скопје, само прворангираниот, Русинот Артемиев и десетторангираниот, Швеѓанецот Гранделиус, останаа каде што им е местото според рејтингот. Најдобро пласиран Македонец по две кола е Чоловиќ на 71-то место

И второто коло на 20-то Европско поединечно првенство (ЕП) во шах, што се игра во Скопје, во 11 кола донесе бескомпромисни борби, но и нови изненадувања за одредени фаворити. Педесет партии завршија без победник, белите фигури славеа 85, а црните 43 пати.
Од првите 10 пред ЕП, само прворангираниот, Русинот Владислав Артемиев и десетторангираниот, Швеѓанецот Нилс Гранделиус, останаа каде што им е местото според рејтингот. Меѓу првите 20, според постојниот рејтинг има само четворица, кои и пред почетокот беа рангирани таму (Чепаринов, Родштајн, Беркеш, Малкумјан). Вкупно 39 шахисти засега се со максимални два поена.

Најдобро пласиран Македонец по две кола е велемајсторот (ВМ) Александар Чоловиќ (рејтинг 2.576, 178-ти пред ЕП), кој со 1,5 поен е на 71-то место. По второто коло 24-те македонски претставници имаат освоено 6,5 поени (четири победи, пет ремија и 39 порази) од можни 48 поени. Тоа, секако, не е изненадување со оглед на силната конкуренција, затоа што настапуваат вкупно 361 учесник од кои 143 се ВМ. 


Пренос на Европскиот шаховски ТВ-канал

Секое коло, љубителите на шахот можат да ги проследат партиите и со директен пренос на Европскиот шаховски ТВ-канал. Домаќин е истакнатиот ВМ Иван Соколов, кој заедно со познати шахисти ги коментира партиите на колото. Така, негови гости во првите две кола беа ВМ од Словенија Адриан Михаљчишин и ЖВМ од Словачка Ева Репкова.
Вкупно 19 судии ја делат правдата на ЕП во Скопје во четирите простории каде што се играат партиите, од кои 17 се секторски. Главен судија е Ерменецот Ашот Вардапетјан, додека негов заменик е македонскиот интернационалец Иван Кочовски.