Трофеите на Бекер се на аукција

216

На онлајн-аукцијата, која ќе трае до 11 јули, се продаваат медалите, реплики на пехарите од Вимблдон, САД опен и од Дејвис-купот, облеката што ја носел додека се натпреварувал…

Трофеите, вредни околу 200.000 фунти, кои ги освоил во својата богата играчка кариера познатиот светски тенисер, трикратен и наедно најмлад победник на турнирот во Вимблдон (17 години и 227 дена), Борис Бекер, се дадени аукција за да може Германецот да си ги исплати своите финансиски долгови. Тука спаѓаат медалите, реплики на пехарите од Вимблдон, САД опен и од Дејвис-купот, облеката што ја носел додека се натпреварувал… Стечајните управници назначени да ја извршат наплатата на долгот на 51-годишниот Бекер ја организирале оваа продажба, јави Би-би-си.

– Сметаме дека оваа можност се дава еднаш во животот. Вакви примери ретко се достапни на отворениот пазар – изјавија од аукциската куќа „Вилс Харди“.

Шесткратниот гранслем-победник во јуни 2017 година прогласил банкрот поради парите што ѝ ги должи на банката Арбутнот Латам. Тогаш беше организирана аукција на негови спортски предмети, но потоа беше одложена, откако Бекер побарал дипломатски имунитет, бидејќи навел дека е назначен за спортско и културно аташе на Централноафриканската Република, пишува Би-би-си. Сепак, Бекер го откажал своето барање за имунитет во декември, создавајќи пат за нова аукција на своите спортски трофеи.

На онлајн-аукцијата, која ќе трае до 11 јули, се продаваат часовници, потпишани тренерки, рекети, пехари, потници, па дури и чорапи. 


Од 2003 година на Вимблдон победувале само четворица

Од 2011 година само во едно финале на тенискиот гранслем-турнир во Вимблдон не играле ниту Новак Ѓоковиќ ниту Роже Федерер, кога во 2016 година се сретнаа Британецот Енди Мареј и Канаѓанецот Милош Раониќ (3-0 за Мареј). Во другите седум финалиња од тогаш, Ѓоковиќ играл во пет (победил во 2011, 2014, 2015 и во 2018 година, загубил во 2013-та), а Федерер настапил во четири (победил во 2012 и во 2017-та, загубил во 2014 и 2015 година).
Од 2003 година, на вкупно 16 турнири, трофејот на Вимблдон го освојувале само четворица тенисери, и тоа Федерер (осум пати), Ѓоковиќ (четири пати), Рафаел Надал (двапати) и Мареј (двапати). На 16-те претходни турнири, од 1987 до 2002 година, пак, победиле деветмина тенисери (Пет Кеш, Стефан Едберг, Борис Бекер, Андре Агаси, Пит Сампрас, Горан Иванишевиќ, Ричард Краичек, Михаел Штих и Лејтон Хјуит).
Годинашниот турнир почнува в понеделник.